Меџити: Започнуваме заедничка платформа за превенција на врсничкото насилство во училиштата во Чаир
Општина Чаир започна со конкретни чекори за создавање заедничка платформа за превенција и справување со врсничкото насилство во училиштата во Чаир, информираше денеска градоначалникот Изет Меџити.
Платформата, како што посочи, ќе ги обедини Општината, училиштата, психолозите и стручните служби, наставниците и родителите, со цел да се воспостави координиран и долгорочен пристап. Во нејзини рамки се предвидуваат едукативни активности, директна работа со учениците и родителите, како и зајакнување на механизмите за превенција, навремено препознавање и справување со случаите на насилство.

-Безбедноста и благосостојбата на нашите деца бараат многу повеќе од реакција по одреден инцидент. Потребни се превенција, едукација и заедничко дејствување. Сакаме да дејствуваме пред да се случи насилството, а не само да реагираме на неговите последици. Секое дете има право да се чувствува безбедно, почитувано и заштитено во своето училиште, а одговорноста за тоа е заедничка- изјави чаирскиот градоначалник Меџити.
Нагласи дека Општина Чаир преку оваа платформа има за цел да воспостави покоординиран систем меѓу сите вклучени страни, ставајќи ги превенцијата, безбедноста и благосостојбата на децата во центарот на институционалното дејствување.
Детето со убод во срце во стабилна, но, сѐ уште животозагрозувачка состојба