Меџити најави „кар шеринг“ за намалување на загадувањето


Фото: Б. Грданоски

Гасификација, субвенционирање на граѓаните за враќање кон централното греење, набавка на електрични автобуси, проект за намалување на број на возила по улици „кар шеринг“, се мерките за намалување на аерозагадувањето кои планира да ги реализира Владата за справување со проблемот со аерозагадувањето. Овие мерки денеска ги најави првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, одговарајќи на новинарски прашања во Липково, каде присуствуваше на акцијата на садење дрвца, како дел од проектот за пошумување на деградирано земјиште.

Проблемот не е отсега, но според Меџити, секојдневно се преземаат мерки за намалување на аерозагадувањето. Еден од нив, како што посочи, и денешниот настан за садење дрвја во Липково, во Свети Николе, во Страчинци, во други градови. За министерот за животна средина важно е и справувањето со причините за аерозагадувањето, користењето на секакви средства за затоплување од страна на домаќинствата, а како еден од причинителите е и јавниот транспорт.

– Јас се залагам што побрзо да го отпочнеме процесот за гасификација на Република Македонија, што видно би придонел за ова. Ќе субвенционираме како Влада граѓаните во урбаните средини каде што е најзагадено да се вратат на централно греење коешто е најчисто, воедно во однос на јавниот транспорт дониравме шест автобуси преку ЕУ, но планираме и како Влада да купиме 120 електрични автобуси. Деновиве ќе промовираме и нов проект „кар шеринг“ која е приватна инцијатива, но што придонесува за да се намали бројот на колите и постојано значи ќе бидеме во контакт заедно со вас и со невладиниот сектор да ги изнајдеме најдобрите решенија коишто се возможни во нашава држава, изјави Меџити.

Во однос на потребите за водоснабдување на општина Липково, првиот потпретседател на Владата рече дека во соработката со општината ќе се премостат проблемите со водоснабдувањето.

-Во оваа функција се и парите што ги доделува Владата и се милијарда евра што ќе бидат доделени токму за решавање на реалните и конкретни проблеми во нашите општини бидејќи цениме Македонија е многу централизирана, па со оваа општините ќе имаат повеќе можности за решавање на такви проблеми како што е овој во Липково, па и други проблеми во рамки на Општината, изјави Меџити.