Вицепремиерот Меџити го повика Таравари да избере страна

Внатре во „Вреди“ сè е дозволено, да се расправа за идеи и позиции. Но, тоа не значи дека ако не се договориш дома, треба да одиш со ставовите на ДУИ, изјави Меџити


Изет Меџити (Фото: Б. Грданоски)

 

Вицепремиерот Изет Меџити во изјава за медиуми порача дека се отворени за комуникација со сите политички партии, вклучувајќи ги Левица и СДСМ, бидејќи со нив не водат војна туку политичка битка за коцепти.

„Треба јасно да дефинираме комуникација и политички преговори. Ние комуникација можеме да имаме со сите во Собранието, со Муса Џафери, Фатмир Дехари и со некој пратеник од Левица, СДСМ. На крајот, ние не водиме војна, туку водиме политички битки и концепти“, изјави Меџити.

Тој се осврна и на изјавата на Арбен Таравари дека преговара со Али Ахмети, посочувајќи дека коалицијата „Вреди“ е формирана како антипод на ДУИ, со цел да донесе промени во албанскиот кампус.

„Проблемот е што и самиот Таравари потврди дека преговара со Ахмети. ‘Вреди’ е формирана како антипод на ДУИ; ‘Вреди’ е создадена за да донесе промени во албанскиот кампус, бидејќи имаше монопол од една политичка партија. Време беше да има конкуренција, идеи, програми и платформи, и врз овие темели е формиран ‘Вреди’ за да се спротистави на ДУИ и ги донесе  промените“ изјави Меџити.

Меџити упати повик до Таравари да избере страна, бидејќи тој смета дека не може да биде дел од „Вреди“ и да преговара со ДУИ и Ахмети, бидејќи тоа може да ја поткопа смислата на промената и поделбата на политичките концепти.

„Вчеравечер го повикавме Таравари да размисли бидејќи се зборува и самиот потврди дека има разговори со Али Ахмети, со ДУИ. Значи, внатре во ‘Вреди’ сè е дозволено, легитимно е да се градат позиции, идеи и политички проекти, но демократијата има едно правило: се дебатира про и контра, се изнесуваат аргументите на маса и на крајот, ако бидеш надгласан, се прифаќа предлогот на мнозинството. Но, тоа не значи дека ако не се договориш дома, треба да одиш со ставовите на ДУИ“, изјави Меџити.
 
Веќе една недела трае јавната расправија внатре во коалицијата. На една страна е министерот за здравство, Арбен Таравари, додека на друга тројцата други лидери. Таравари изјави дека во анкетите што ги правеле дури 70 отсто од албанските гласачи не биле задоволни од работата на министрите од коалицијата, додека општиот став за владата на Христијан Мицкоски бил позитивен. Главната точка за конфронтација, барем јавно, е како да се настапи на локалните избори. Таравари претпочита неговата Алијанса за Албанците да излезе со самостојни советнички листи, додека другите партии сакаат тие листи да бидат заеднички. Премиерот Мицкоски изјави дека и покрај препукувањата меѓу албанските коалициски партнери владата е стабилна.
 

Со изјавата денеска Меџити индиректно му ја покажа вратата на Таравари од коалицијата, а дали ќе биде и од Илинденска зависи од премиерот Мицкоски и неговите калкулации. Проценките се дека се можни две сценарија во Владата по сè поизвесниот раскол во Вреди меѓу Таравари и тројката Меџити, Билал Касами и Зекирија Ибрахими. првото е под притисок на тројката од Вреди премиерот да му се заблагодари на Таравари за учеството во Владата или, пак, Мицкоски да коалицира со Алијанса на Таравари како засебен владин партнер, за владејачкото мнозинство да не ги изгуби петте пратеници. Ако премиерот одлучи да ги задржи и Вреди и Алијанса како владини партнери, тоа ќе предизвика внатрешни турбуленции во Владата. Третото сценарио, што изгледа сега неверојатно, е по локалните избори Алијансата на Таравари и ДУИ да се дел од Владата.