Меџити ги повика нашите хирурзи да прават операции бесплатно за викенд
Министерот за здравство Фатмир Меџити ги повика и македонските хирурзи да изведуваат операции за време на викендите без надоместок за да се намали листата на чекање за интервенции.
Министерот смета дека ако колегите од Ниш го практикуваат тоа, и нашите хирурзи може да го следат нивниот пример.
– Ајде позитивната приказна од Ниш да ја повториме тука, да биде наша реалност и да ја ревидираме листата на чекање за операции. Да направиме и ние такво хумано дело со цел пациентите да не чекаат толку долго. Пред сѐ, ние, лекарите, сме хумани лица – вели министерот Меџити, дополнувајќи дека со тоа ќе им се излезе во пресрет и на пациентите.
За оваа сериозна тема се произнесе и директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), д-р Александар Трајановски, кој посочи дека се свесни за големиот број пациенти кои чекаат за замена на вештачко колено или за замена на колк, но, сепак, наоѓаат простор колку што може и колку што им дозволуваат условите. Тој појасни дека на располагање им се три операциони сали, каде што се работи прва и втора смена со цел да се намали листата на чекање.
– Факт е дека листата е голема, но во консултација и договор со Министерството за здравство, ќе најдеме решение за таа листа побрзо да се намали – вели д-р Трајановски, дополнувајќи дека нема пациент кој чека повеќе од три до четири месеци за да му се имплантира вештачко колено.
Според него, операцијата на колено не е итна патологија за да мора веднаш да се оди во операциона сала. Тој посочи листата на чекање е направена според добар систем на Клиниката за ортопедија.
За проблематиката што се однесува на лифтовите и нивното одржување, д-р Трајановски вели дека нив ги одржуваат и сервисираат заеднички служби, за што министерот Меџити веќе се произнесе, дека не е задоволен од нивната работа и дека треба да се даде отчет каде се потрошени околу 20 милиони евра што тие ги направиле како загуба.
Меџити рече дека треба итно да се реши овој проблем, за што веќе е информирана и Владата.
Министерот Меџити се осврна и за недоразбирањето што се јави во јавноста за наводно враќање на работа на пензионираните специјалисти и професори. Според него, станува збор за задржување на работа на оние лекари на кои законски може да им се одложи пензионирањето, односно за оние од 64 до 67-годишна возраст.
– Нема да одат сите во пакет, особено за оние што мислиме дека ќе има потреба да дадат придонес со своето долгогодишно искуство – појасни Меџити.