Медот зачести на македонската трпеза


 

Зголемена е културата во исхраната, а медот зачести на македонската трпеза, нагласуваат пчелари од битолскиот, прилепскиот, велешкиот, гостиварскиот и други македонски региони, кои нагласуваат дека медот во исхраната е важен за сечие здравје.

Но, впечатокот не треба да залажува затоа што Македонците и понатаму се далеку од европскиот просек за дневно или годишно користење на медот во исхраната.

 

– Со јавни манифестации, како што во Битола се „Денови на македонското пчеларство“ успеваме да го промовираме пчеларството пред младите генерации, но и да се зголеми културата за користење на мед во исхраната. Ако граѓаните секојдневно ги користат пчелните производи тогаш ќе имаме и поздрави генерации. Слободно може да речам дека културата во исхраната кај Македонците за кознумирање на мед се подобрува, а тоа го чувствуваме со зголемената продажба. Граѓаните за разлика од порано препознаваат што е органски мед, знаат да изберат квалитет, но мора да продолжи и да се интензивира инспекцискиот надзор на терен затоа што на пазарите се продава и неквалитетен мед кој за нас е нелојална конкуренција, а за граѓаните лоша понуда, предочи Менде Трајковски, претседател на пчеларското здружение „Нектар“-Битола.

Манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“ во Битола годинава одбележа годишнина, 25. години континуирано одржување, настан препознатлив во овој период од годината на кој се акцентираат исхраната и доброто здравје и се презентираат амбалажи и алатки што се користат при производството на мед.

– Секоја година учествувам на менифестацијата во Битола со цел да презентирам широк спектар производи, односно производи на база на матичен млеч, на пергамел, прополис, лековити билки врзани со прополис, Шарска Горчица од 98 лековити билки, потоа антиоксиданти, биостимулатори…Нашиот мед е од гостиварското село Вруток, еколошки чиста средина. Ние произведуваме капки мелем за синуси кои се добиваат од пчелни производи на прополис и лековити билки. Тие се изработени на природна база и се многу ефикасни, им помогнале на многу луѓе за деблокирање на синусите, посебно кај алергиски ринитис и синуситис. Исто така произведуваме капки против висок шеќер во крвта, тие се направени од прополис и лековити билки кои директно делуваат на бета клетките на панкреасот, односно ги регенирираат клетките на панкреасот. Овие капки ги користат лица кои имаат шеќерна болест посебно Тип2, делуваат директно на бета клетките на панкреасот и го помагаат метаболизмот на размена на шеќерите и мастите во организмот. Од година во година населението се повеќе ги бара овие производи бидејќи се на природна база, не создаваат зависност и овозможуваат голема благодет на организмот, љубезно појасни Перо Дабески, професионален пчелар од Гостивар.

Не е лесно да се биде пчелар, но љубовта кон пчеларството, грижата за пчелите и вековната традиција се поголеми од се, нагласија нашите соговорници Влатко Атанасоски од Прилеп и Раде Каранфиловски од Битола за кои пчеларството е семеен бизнис.

-Пчеларството го пренесуваме од колено на колено. Во нашето семејство го негуваме повеќе од 50 години. За муштериите нудиме ливадски мед, планински мед, шумски мед, мед од костен, матичен млеч, полен, прополис…Тешко е да се биде пчелар. Со новите технологии би требало нашата работа да биде полесна, но заради временските прилики односно неприлики, се помалку вадиме мед, не сме конкурентни и не успеваме да го модернизираме пчеларството. Нам ни се потребни модерни приколици за пренос на пчелни семејства односно селидбено пчеларење, модерни машини за пакување, друг прибор…Нашите пчелни семејства ги имаме распоредено на неколку локации во прилепско, во кичевско и во поречието. Се мачиме, трошоците за гориво се големи, но оваа дејност нам воедно ни е единствен приход и затоа го работиме. Основната поддршка од државата ја користиме и веднаш средствата ги реинвестираме. Но програмите за поддршка на пчеларството треба да се подобруваат, посочи Атанасоски.

-И, јас со пчеларство се занимавам 50 години, и повеќе од тоа… Јас во Битола прв ги почнав изложбите кои сега се нарекуваат „Денови на македонското пчеларство“. Првиот собир го организирав со многу напор затоа што нашите пчелари не беа навикнати да учествуваат на јавни настани и затоа првата изложба ја организиравме на затворено…но потоа сите се „пресрамија“ и еве сега години со ред сме на отворено, директно до купувачите со кои разговараме за квалитетот на медот, за значењето на пчелните производи, за пчеларството… Пред две години приредивме бесплатна школа со практичен дел за пчелари, и се трудиме да придонесуваме што повеќе за пчеларството. За мене пчелите се на прво место, а потоа пчелните производи. За жал, сега школи не се организираат, нема интерес од младите пчелари, а и нема кадар што ќе пренесува знаења, вели Раде Каранфиловски, пчелар од Битола.

Во меѓувреме, пчеларите потсетуваа на времињата кога во секој двор на село имало барем по една пчелна кошница, а сега нема ниту една. Сочувствуваат со пчелите кога како што велат заради високите дневни температури не излегуваат од сандаците за да збираат мед и единствено одат по вода со цел да ја разладат атмосферата во кошницата, а и растенијата на температура повисока од 32 степени целзиусови не медат и не испуштаат нектар.