Медот и вечната младост во стиховите на Гордана Михаилова-Бошнакоска
Ќе се осмелам да кажам оти оската на поезијата, но и на самата егзистенција на ГМБ, на нејзиниот корифејски статус во македонската литература, е токму нејзината доследна и грамадна самоверност!, вели во својата рецензија кон книгата, нашиот истакнат театролог и писател
Јелена Лужина
Речиси неодамна, пред некои два-три-четири месеци, некаде пред својот роденден, Гордана Михаилова-Бошнакоска (родена на 1 септември 1940) ја објави најновата поетска книга. Петнаесеттата по ред.
Ќе потскажам, за тие што не знаат или подзаборавиле:
Својата прва и дебитантска книга, профетски насловена со очудената синтагма „Времето го нема“, Гордана Михаилова-Бошнакоска ја има објавено пред речиси шест полни децении. Или, попрецизно: во втората постземјотресна скопска година, 1965-тата, оптимистична по сите нишани. Во споредба со денешниов спациотемпорален контекст, не само книжевен, тогашниот скопски и општомакедонски elan vital – документиран, меѓу другото, и во рецентните поетски и прозни книги од тоа време, ама и (особено) низ весниците и списанијата – денес го евоцираме со респект и го доживуваме/толкуваме како речиси нестварен. Всушност, неповторлив!
Деновиве, речиси шест децении отпосле, додека љубопитно ја препрочитувам најновата поетска збирка на Гордана Михаилова-Бошнакоска – насловена пак очудено, „Мед и младост“! – со радост заклучувам дека и творечкиот и „персоналниот“ elan vital на оваа мудра, ретко љубопитна, децентна и во секоја смисла необична дама, постојано го надитрува она што книжевната теорија некогаш умее да го дефинира како хоризонт на очекувањето. Се разбира, дефиницијата е „двoнасочна“, со удвоено значење, бидејќи едновремено ги „засега“ и очекувањата на авторот, ама и очекувањата на неговиот компетентен и упатен реципиент, читател, сопатник…

Веќе шест долги декади, Гордана Михаилова-Бошнакоска (во натамошниот текст ГМБ!) умее и успева трајно да го интригира хоризонтот на нашите очекувања! Нејзиното фатумско патување меѓу литературните ни Сцили и Харибди – трпеливо, тврдоглаво, доследно, осаменичко, истражувачко, куражно… – ниту се потпира ниту се „должи“ само врз езотеричниот и апсолутно романтичниот квалификатив/поим кој колоквијално се именува со дарба или страст. Уметноста, се разбира, не живее без дарбата, триж помалку без страста. Ама, за да опстојува со децении и – најважното! – постојано да се „самообновува“ како феникс („сама од себе“), уметноста мора да е „закотвена“ врз некоја цврста точка, некој клучен принцип. Во Шекспировиот „Хамлет“ тој принцип е дефиниран – строго и просто – во само еден единствен стих: „This above all, – to thine ownself be true…“ (Hamlet, Act 1, scene III). Споредено со многумина преведувачи, особено македонски, Ацо Шопов ова место го има преведено не само точно, не само поетски релевантно/заумно, не само „во духот на јазикот“, туку и маестрално: „Но над сѐ биди на себе си верен“…
Ќе се осмелам да кажам оти оската на поезијата, но и на самата егзистенција на ГМБ, на нејзиниот корифејски статус во македонската литература, е токму нејзината доследна и грамадна самоверност!
*
Писателката ГМБ перманентно ја живее, супериорно ја искажува и веќе шест полни децении женерозно ја раздава (не само во стиховите!) истата младешка самодоверба – проста и строга! – која очудено ја споделува со нас, нејзините верни читатели. Поетично е и метафорично да кажеме оти ни ја подарува, макар што навистина ја чувствуваме како таква.

Судејќи според поговорот на нејзината последна стихозбирка „Мед и младост“ („Макавеј“, Скопје, 2023), заради која и ја пишувам оваа пролегомена, препознавам дека истото го мисли/потврдува и нејзиниот уредник Бранко Цветкоски, кој (во поговорот) вели дека ја смета за „прелестна и мудра книга“. Да, избраниот русизам („старословенизам“) прелесть, архаичен и очудено сонорен, оттука и поетичен „без задршка“ (на македонски би можеле да го преведеме и како ѕунлив…), навистина ѝ прилега на естетиката, поетиката, дури и на светогледот на ГМБ.
Книгата „Мед и младост“ – насловена по првата песна отпечатена во неа – собира вкупно 38 песни организирани во три „меѓузависни“ тематски сегменти или циклуси. Сосема е очебијно дека насловите на тие циклуси ГМБ нарочно ги испишува/детерминира како „програматски конкретни“, дури и „нормативни“, наместо да ги стилизира во некој „лирско- метафоричен“ формат. Впрочем, еве ги сите по ред: „Поезија, поетеси, артисти“ / „Сцена“ / „Можности неможности“. Попрво би ѝ прилегале на некоја „тврда“ книжевнотеориска книга, отколку на чувствителната поетска збирка!
Зошто е така?
Поради најмалку две причини. Првата ја објаснува спомнатиот уредник Бранко Цветкоски, во својот поговор: „Станува збор за изданието на најголемиот светски поетски фестивал Струшките вечери на поезијата, каде што Михаилова-Бошнакоска учествуваше и со својата поздравна беседа до поетите на светот остави неподелен и траен влог обзнанувајќи едно поливалентно и несекојдневно промислување на улогата на поетската уметност и на моќта на поетот како создавач на убавината на постоењето“ (ибид.).
Заклучувам, според цитираното, дека – по струшкото искуство „со својата поздравна беседа до поетите на светот“, како што сведочи Цветкоски – ГМБ почувствувала дека истата таа програматска постапка мора, ама навистина МОРА да ја испита/примени и во сопствената поетска лабораторија, врз сопствената поетика и сопствената кожа. Темелно и бескомпромисно, како што тоа го прави веќе шест полни децении…
Што-годе темелно и компетентно читање на последната поетска книга на ГМБ – „програматски конкретна“ повеќе отколку „поетски нежна“, проста и строга наместо „распеана“ или „лирична“… – треба да се прави внимателно и со почит. Ама и со соодветен теориски и филозофски багаж. При читањето треба постојано да се има предвид дека речиси секоја од нејзините триесет и осум програматски песни (за медот и младоста…), упорно отвора и наметнува некои најсуштествени дилеми за смислата и функцијата на поезијата денес и овде, за модалитетите на нејзиното читање и јавно/сценско кажување, за нејзините интерактивни можности и неможности, за артизмот како нејзина вертикала sine qua non…
Читајќи ја, деновиве, последната поетска книга на ГМБ, многупати го асоцирав „прастарото“ прашање на Хајдегер (Heidegger) – чуму поетите во скудното време? – прашањето кое божем сите го знаеме наизуст, ама тешко дека умееме соодветно да го одгатнеме.