Мецола во служба на Софија, рампата за Ковачев од Македонија била незаконска


 

„Овој инцидент е жален, секој европратеник има право да го исполни својот мандат и ќе се обратам до претставниците на РСМ да го констатираат тоа исклучително јасно“, изјави претседателката на ЕП, Роберта Мецола.

Таа ја коментираше одлуката на Македонија да не дозволи влез на територијата на
земјата на шефот на коалицијата  ГЕРБ-СДС во ЕПП, Андреј Ковачев, кој е и
портпаролот на групата ЕПП во Европскиот парламент и е одговорен за проширувањето на ЕУ
и Западен Балкан. Коментарот беше даден на почетокот на сесијата на ЕП.

Лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, на својот Твитер профил исто така го осуди враќањето на Ковачев од македонската граница, а тоа го стори преку профил на социјалните мрежи и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, при што е јасно дека станува збор за синхронизирана акција или под притисок. 

Вебер и Мецола се дел од политичкото семејство на ВМРО-ДПМНЕ во Европскиот парламент, а партијата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, Фидес, беше исто така, но мораше да си замине откако се најде под политички притисоци заради својата политика во земјата. Со овие изјави во прилог на Бугарија а насочени кон Македонија или му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ да ја ослабне актуелната влада кај нас или пак ВМРО-ДПМНЕ нема никакво влијание во политичкото семејство, па и дека и одговара Македонија да биде осудена од нејзините политички партнери, што не би било првпат во ЕП и во ЕУ, иако најсилно се залага да им се тресне врата на бугарските провокатори и е против уставните амандсмани. 

Патем, во октомври 2020 година, во дискусијата во ЕП за парламентарната резолуција за „владеењето на правото и основните права во Бугарија“ Мецола поднесе амандмани во име на ЕПП кои беа широко толкувани како заштита на бугарската влада, тогаш на ГЕРБ на Ковачев, од критики, вклучително и со предлагање да се отстранат референците за наодите на Венецијанската комисија и за злоупотреба на фондовите на ЕУ и обвинувањата за корупција на високо ниво кои директно го вклучуваат премиерот Бојко Борисов. Други амандмани, кои таа подоцна ги повлече, исто така, тврдеа дека коцкарски бос го финансирал движењето зад  уличните протести. Ова предизвика незадоволство во Бугарија, што доведе до тоа профилите на Мецола на социјалните мрежи да бидат преплавени со протестни пораки, вклучувајќи закани и мизогинија. Вебер пак изминатите недели е под  запалени рефлектори поради скандал со изборни пари на негов советник во политичката кампања, а чии интереси штити Вархеи не треба ни да се објаснува. 

ВМРО-ДПМНЕ, исто така молчеше и кога ЕПП, на конгресот во јуни минатата година во присуство на Христијан Мицкоски усвои резолуција за Македонија со која оцени дека Македонија не го исполнува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, дека треба да се помири со минатото  и дека „недискриминацијата, почитувањето на човековите права  и слободата на говорот се основните вредности што треба да ги застапува секоја земја аспирант за ЕУ“, нешто што подоцна и помогна на Бугарија да го стави спорот во европска рамка. И тогаш и сега нема никаква реакција од ВМРО-ДПМНЕ на овие изјави од ЕП и од еврокомесарот. 

Андреј Ковачев беше еден од најгласните во последната влада на ГЕРБ, заедно со Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, во негирањето на македонскиот идентитет, јазик и нација, а со провокациите продолжи и потоа како европратеник поради што доби забрана за влез во Македонија. Во една прилика тој изјави: „Историски, мнозинството луѓе кои живееле во географската област на Македонија се дефинирале како Бугари. По несреќната судбина во 1944 година, со многу насилство, а потоа и со многу пропаганда, голем дел од нив се дефинирале како етнички Македонци, но ги задржаа своите бугарски корени и многу голем дел од нив побарале бугарско државјанство. Знаеме дека над 120.000 македонски граѓани имаат, врз основа на нивното бугарско етничко потекло, бугарско државјанство“. Со таква теза тој му реплицираше и на министерот Бујар Османи за време на последното обраќање во ЕП. (Н.В.)