Мециновиќ вели дека состојбата со ѓубрето во Скопје е апсурдна
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, денеска изјави дека состојба со отпадот во градот е „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“.
Мециновиќ оцени дека ситуацијата со преплавувањето со отпад и колапсот на комуналните претпријатија е резултат на крахот на локалната власт, која во последните четири години била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
„Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град, и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да се играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи“истакна Мециновиќ.
Тој ја обвини актуелната Влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите, за потоа „да се претстави како спасител“ со повикување на кризна состојба.
Мециновиќ најави дека, независно од исходот на изборите, новата администрација мора веднаш да започне со санирање на состојбата, повикувајќи ги сите скопски градоначалници да работат заедно, без оглед на политичката припадност.
„Политичките суети веќе не смеат да имаат место во политичкото дејствување на градоначалниците. Ние сме многу мала држава за да имаме вака голема политика. Ние имаме политика како да сме нуклеарна сила, а не како да сме два милиони народ кои може да се договорат. Но, нашите политичари досега биле крајно суетни и затоа имаме ваква ситуација“, рече тој.
Тој го презентираше планот на Левица, кој вклучува санација и реформа на ЈП „Комунална хигиена“ и спротивставување на идеата за јавно-приватно партнерство.