Мециновиќ очекува победа во второто полувреме


Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, синоќа порача дека во второ полувреме ќе ја победи онаа визија која 30 години ни ги креира судбините, откако беше извесно дека тој ќе биде противкадидатот на Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг на локалните избори на 2 ноемри.

„Денеска не само што Левица влезе во втор круг, туку денеска се разбуди Скопје. Денеска граѓаните на Скопје покажаа храброст дека се спремни да изберат поинаку. Денеска Левица испиша историја затоа што првпат во историјата на Македонија, во главниот град имаме кандидат кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“, рече кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ. 

„Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје охрабрија да застанат на страната на промената. Влеговме во втор круг заота што скопјани го сакаат својот град. Сакам да посочам дека имаме јасен избор – едната визија, која 35 ја имаме во Македонија, коруптивна, криминална, и оваа визија која е наша визија, за град во кој сите ќе сакаме да живееме“, рече Мециновиќ. 

Вели дека Скопје сака да биде слободно, ослободено од оние кои не ги интересира ништо за скопјани. 

„Во второто полувреме ќе ја победиме онаа визија која 30 години ни ги крои судбините. Скопје во наредните недели ќе одлучи за својата судбина и веќе никогаш ништо нема да биде исто. Придружете ни се, ова не е борба на еден човек, на една партија. Ова е борба на повеќе генерации, борба која 30 години Македонија ја чека. Го дочекавме денот кога ВМРО и СДСМ нема да ни бидат судбина. Сите кои се разочарани ги повикуваме да ни се придружат. Ова е наша борба, наша приказна, за нашето Скопје“, вели Мециновиќ.