Мециновиќ гледа мобилизација за негова поддршка пред вториот круг

Кандидатот за градоначалник рече дека владата ја злоупотребува кризата со отпадот во Скопје


 

„Во изминатите неколку дена гледаме голем прилив на нови поддржувачи. Многу граѓани кои досега не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција во вториот круг“, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција. Тој вели дека левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нивната програма.

Мециновиќ тврди дека Левица ќе ја преземе улогата на обединувачка сила на сите антивладини гласови во Скопје: „Испишуваме нови страници во политичката историја на Македонија“.

Тој рече дека владата ја злоупотребува кризата со отпадот во Скопје. „Владата сакаше до крај да ги истроши скопјани, за потоа да прави театар со нивното здравје. Тоа е доказ дека имаме деструктивна власт“. Меционовиќ нагласи дека не сака да се повтори сценариото со градоначалничката Данела Арсовска: „Ние сме тука да ја исполнуваме агендата на скопјани, не на поединци“.

Мециновиќ најави и неколку конкретни потези доколку победи на изборите: раскинување на сите штетни договори што ја оптоваруваат градската администрација и јавните претпријатија „уште во првите 72 часа“; потоа, во истото време ќе го раскинат договорот со кој казина и обложувалници се рекламираат на автобусите. „Тоа веќе не смее да биде така. Градската власт не смее да дозволува промовирање на корозивни општествени процеси на својот имот“, објасни Мециновиќ.

Тој најави финансиско зајакнување на Младинскиот културен центар (МКЦ) и основање на скопски графити фестивал.

Мециновиќ најави дека во следните десет дена партијата ќе одржува тематски прес-конференции на кои ќе ги претставува дополнителните идеи и мерки за Скопје.