„Мечбокс“ најави колички засновани на вистински електромобили


Британско-американскиот производител на играчки „Мечбокс“ ќе пушти во продажба колекција колички засновани на вистински електрични автомобили. Првиот модел ќе биде мини-реплика на „Тесла роудстер“, но ќе има и други модели во чијашто понуда ќе има и мали станици за полнење. Производителот на играчки со тоа сака да ја подигне свеста кај децата за влијанието на автомобилите врз животната средина.

И други компании, на пр. „Лего“, најавија слични кампањи.

Останатите модели на „Мечбокс“ колички кои ќе се најдат на пазарот, се во облик на електромобили и хибриди на „Нисан“, „Тојота“ и „БМВ“. Тие, како и смалениот „Тесла роудстер“ ќе бидат изработени од 99 отсто рециклирани материјали, како што најавија од компанијата за играчки. Пакувањето на количката нема да биде од пластика, туку од хартија и дрвени влакна.

Првата количка ќе се појави на пазарот следната 2020 година.

Компанијата „Мечбокс“ е основана во 1953 г. и продава над 40 милиони колички годишно, според Би-би-си. „Мател“, којашто е нејзина фирма-сопственик, исто така, планира да користи 100 отсто рециклирани, рециклирачки или биолошки засновани пластични материјали во производството на сите свои производи и пакувања, до 2030 година.