„Мебел-Ви“ се оградува од „Лазаров подкаст”, обвинителството го разгледува случајот
„Како компанија сме соработувале со огромен број медиуми и емисии и сме поддржувале многу млади луѓе кои работат и творат во Македонија, но ниту сме имале, ниту имаме некакво влијание на програмскиот дел на тие медиуми. Во исто време ја осудуваме секоја форма на насилство и секоја форма на директно или индиректно поттикнување на ваква култура.
‘Мебел-Ви’ е општествено одговорна компанија и компанија која промовира семејни вредности, и се оградуваме од секаков вид изјави кои се против начелата кои ги застапуваме, и во оваа емисија и во сите други“, стои во нивната реакција.
Истовремено, секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство по интервјуто во кое Павловиќ-Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.
„Има известување од МВР. Предметот е распореден кај обвинител, ќе видиме како натаму ќе се одвива случајот“, одговори јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прашање од СДК.
Јавноста остро го осуди интервјуто како поттикнување кривично дело родово базирано насилство и го повика Обвинителството да постапи. Исто така, ги повикаа и видните компании кои се рекламираат во подкастот на Стефанов да ги повлечат рекламите поради содржните во кои се одобрува и повикува на насилство.
Во врска со случајот реагираше и Анита Лазарова, мајката на јутјуберот демонстративно кинејќи ја својата членска книшка од СДСМ.
„Долго време размислувам да го направам ова, но вечерва навистина ја претеравте само заради тоа што сметате дека од позиција на моќ можете се! За да објавиш вакво нешто само и само заради тоа што не ви се допаѓа гостинот, а притоа да етикетираш млад човек за насилство на жени е многу ама многу примитивно. Жалам за своите сопартијци со кои долго време зборуваме дека не си ја препознаваме партијата на која и веруваме повеќе од 20 години. Од мене и од многу како мене збогум. Јас сепак сакам демократија“, објави Анита Лазарова.
Кршењето на пластифицираната членска картичка на СДСМ следуваше откако Форумот на жени на СДСМ јавно ги осуди Латас и Стефан Лазаров и го повика ОЈО да покрене постапка.
Самиот Стефан Лазаров се огласи со реакција во која истакна дека не гледал ништо спорно во тоа што Латас раскажуваше како на своја 15-годишна возраст злоупотребил девојка во „фиќо“, ниту во тоа дека негов другар им удирал шлаканици на девојките пред да има секс со нив.