Матијас Енар, лауреатот на Гонкур, потпишуваше книги во Скопје (фото)


Шест години по посетата на Скопје и предавање на Филолошкиот факултет при УКИМ, реномираниот француски писател, преведувач и добитник на бројни книжевни награди, Матијас Енар, повторно дојде во главниот град, по повод 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје.
 
Интерактивната книжевна средба со францускиот автор, познат по романот „Бусола“, преведен на македонски јазик во  издание на „Антолог“ ( во превод на Владо Ефтимов) за којшто тој ја доби  најпрестижната француска книжевна награда во 2015 година, Гонкуровата награда, синоќа, предизвика голем интерес меѓу академската јавност, читателите и франкофоните во Македонија и регионот. 
 
 
Настанот беше во Europe House Skopje, а љубезниот и професионален гостин, кој живее и работи во Барселона, Шпанија, час и половина одговараше на прашањата за неговата фасцинација од Средниот Исток каде долго живеел и го истражувал, за неговиот необичен начин на пишување, за измислените ликови во неговите романи, кои никако не се автобиографски и за тоа колку преводот може да биде верен на оригиналот. Иако може да живее од пишување на романи, како што ни одговори на нашето прашање, тој предава на разни универзитети ширум Европа и е продуцент и водител на емисијата посветена на книжевноста, насловена “La Salle des machines”, која се емитува на каналот France-Culture.
 

 

За неговиот роман „Бусола“ овенчан со Гонкур, критиката ќе напише дека е извонреден, моќен, музички роман, полн со горчливо-сладок хумор. Потрага по другоста, мостот помеѓу Истокот и Западот, вчера и утре. Возбудлива и убедлива ерудиција, со зачудувачки референции на композитори од деветнаесеттиот век и езотерични ориенталисти. Како да ги поврзал Балзак и Агата Кристи на еден магичен начин!

Токму синоќа, по завршувањето на настанот, славниот автор го потпишуваше романот „Бусола“ во книжарницата на „Антолог“. 

Енар (1972), по образованието во Школата Лувр, заминува да студира арапски и персиски во INALCO (Институт за студии на ориентални јазици). По долгиот престој на Средниот Исток, во 2000 година, се сели во Барселона. Таму уредува неколку списанија од областа на културата. Исто така, членува во редакцијата на списанието „Inculte” во Париз а, во 2010 година, предава арапски јазик на Универзитетот во Барселона. Во 2020 година тој e  гостин професор по светска книжевност на Универзитетот во Берн.

„Совршен истрел” е неговиот прв роман, објавен во 2003 година. Следната година, ги добива наградите „Le Prix des cinq continents de la francophonie“ и „Prix Edmée-de-LaRochefoucauld“. Во 2008 година, издавачката куќа „ Actes Sud“ го објавува неговиот роман „Зона“, кој е специфичен поради тоа што содржи само една реченица во прво лице, а брои дури петстотини страници. Има добиено неколку награди, вклучувајќи ги и „Prix Décembre 2008“, „Prix Candide“ и „Prix du Livre Inter 2009“.

Во 2012 година, издавачката куќа „Actes Sud“ го издава делото „Улица на крадци”, кое во суштина е патопис на еден млад Мароканец, кој скита низ Шпанија за време на Арапската пролет и големите шпански протести.

Во 2015 година, ја добива Гонкуровата награда за неговиот роман „Бусола“, кој го отсликува погледот на Истокот кон Западот.

Во 2020 година, го објавува романот „Годишен банкет на братството на гробарите”. Неговиот последен роман е „Дезертер“, објавен во 2023. (Л.С.)

Фото: Антолог