„Матица македонска“ отвора ново културно катче за љубителите на уметноста – прва е изложбата на Павле Кузманоски

На 13 декември (среда) во 12 часот, со изложба на слики од Павле Кузманоски во центарот на Скопје (спроти катната гаража Беко), Матица македонска ќе отвори ново културно катче за љубителите на уметноста.
Почитувачите и следбениците на делото на познатиот уметник десет дена ќе имаат можност да уживаат во триесет негови антологиски пејзажи, создадени во последните три години. Изложбата ќе ја отвори раководителот на галеријата, Антонио Павловски.
Како што информираат од Матица македонска, галерискиот простор ќе биде збогатен со монографии за нашето културно и историско наследство, како и со монографски изданија за познати македонски сликари од сите генерации.
Лани, летото, два дена по отварањето на изложбата на слики во Мултимедијалниот културен центар Матица Ексклузив од уметникот Павле Кузманоски, украдени беа 16 негови ретки дела во маслена техника, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејсажи создадени во последните 60 години.