Матарела го поддржа барањето на Пендаровски ЕУ да ни помогне околу енергетската криза

Матарела, кој е прв италијански претседател кој по 23 години доаѓа кај нас, уверуваше дека Италија постојано ќе биде на страната на Македонија и ќе ја придружува на патот што треба да се изоди до членство во ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Италија, Серџо Матарела, го поддржа барањето на претседателот Стево Пендаровски ЕУ да воспостави механизам, сличен како  за пандемијата, преку кој ќе им помогне на Македонија и другите земји од Западен Балкан да се справат со енергетската криза поради војната во Украина и руските уценувања.

–За жал, воената агресија на Русија врз Украина придонесе за оваа енергетска криза. Убеден сум дека е потребна голема солидарност на ова поле. Од страна на ЕУ треба да се воспостават конкретни механизми за да помошта околу енергетската криза биде практична, а не само теоретска, рече италијанскиот претседател Матарела на прес конференцијата со Пендаровски.

Според него, кризата со енергенсите ги загрижува сите семејства и компаниите и создава загриженост околу  нивниот секојдневен начин на функционирање.

-Ова е незамисливо голем пораст на цените на енергијата. Италија пред четири месеци предложи во ЕУ да се утврди горната цена на енергијата, но тоа се прифати дури сега. Мора да ги заштитиме семејствата и компаниите од ценовните шпекулации. Исто така треба да најдеме механизам во ЕУ кој треба да го вклучи и Западниот Балкан. Европа треба да работи многу брзо на алтернативно решение за гасот од Русија, да избегне преговори со тие што ги нудат руските енергенси и да стане независна од рускиот гас, рече Матарела.

Претседателот Пендаровски дополни дека за оваа иницијатива веќе има поддршка од Словачка и дека ни најголемите земји не можат да се справат сами со енергетската криза. Тој  оцени  дека објективно нашите енергетски производствени капацитети се стари и едно од алтернативните решенија е токму помошта на ЕУ преку паневропски механизам што би бил создаден за тоа.

Матарела, кој е прв италијански претседател што по 23 години доаѓа во Македонија, беше задоволен што конечно земјата ќе започне преговори со Европската унија.

-Ја цениме трпеливоста и напорите на СРМ да ги надмине сите тешкотии заради подобрување на односите со соседите.Станува збор за чекор напред што Италија секогаш го поддржуваше и за време на разговори во Софија. Иако е задоцнет, тој го наградува напорот што СРМ го направи за ЕУ, порача Матарела.

Притоа, тој уверуваше дека Италија „постојано ќе биде на страната на Македонија и ќе ја придружува на патот што треба да се изоди“, што го опиша како пат на реформи, изразувајќи надеж дека овојпат ќе биде пократок.

Пендаровски на тоа додаде дека многу хартија е потрошено и многу зборови се искажани на оваа тема, но за жал евроинтеграцијата не беше приоритет во ЕУ.

-Добро е што по неколку години пасивност имаме одлука за преговори. Се надевам дека новиот фокус на ЕУ на регионот ќе биде од траен карактер, а не само заради ургентноста од кризата во Украина, рече Пендаровски. Тој и Матарела притоа ја повикаа Русија итно да ја запре воената агресија врз Украина.

Матарела исто така ја оцени како добра економската соработка со нашата држава најавувајќи дека во Италија има интерес таа да се проширува и во други области, а особено во обновливата енергија. (Н.В.)