Мата Хари, Шехерезада и Борисов


Бојко Борисов – жртва на љубовта. „Шерше ла фам“(Си бара жена). Западна Европа осамна во неделата со романтичната приказна за бугарскиот премиер.

Досега тој беше познат во развиениот свет како генерал, врвен полицаец, ловец на дрога, растурач на печатници за фалсификувани пари, најдобар пријател на Германија, спасител на Европа од бегалци, „брадр Бојко“ . Сето ова херојство избувна во неговото последно интервју за еден од најсериозните весници во Германија – „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).

Новинарот што го интервјуираше нагласува дека никогаш не би си дозволил да се занимава со личен живот на политичар ако не беа сноповите од 500 евра, златните шипки и пиштолот на неговата наткасна во државната резиденција. Тие станаа јавни откако аудио записите, фотографиите и видеото беа анонимно испратени до медиумите во јуни и јули. По што не следеше ништо.

Оваа мафијашка слика, која во Бугарија беше ставена од обвинителството и од политичката класа под тепих, стигна до меѓународната арена. И таму, пред очите на стаписаната публика, Борисов состави спектакуларен заплет што ги надмина сите негови претходни толкувања на оваа тема.

Неговите објаснувања за скандалозните фотографии на почетокот беа многу поскромни. Во јуни тој ја призна автентичноста на само една од снимките – што го покажува како спие. Сè друго беше наречено „манипулација“ според „учебникот на КГБ“, за кој Борисов во неколку наврати тврди дека знае многу добро. Во јуни, околностите беа поинакви. Незадоволството тогаш претече, а крајот на мандатот беше сè уште далеку. Затоа премиерот тогаш ја построи целата партија зад себе, бидејќи  беше несигурен во својата „харизма“. И додека тие стоеја како виновни студенти, тој започна да се правда себеси како жртва на клевета.

Во тоа време, сепак, тој сè уште не се осмелуваше да ја прошири оваа тема и скромно молчеше за тоа кој може да стои зад наводните манипулации. Сепак објави дека се посомневал во некој близок минатата година. Сите, се разбира, помислуваа на  соборениот Цветан Цветанов, а новинарите директно прашуваа дали станува збор за него. Борисов не одговори прецизно. Генерално, тој објасни дека неговата спална соба е на истиот кат со салата за состаноци и додека ги убедуваше присутните дека станува збор за компромитирачка работа, тој сугерираше дека извршниот комитет на ГЕРБ се собрал во неговата резиденција пред некое време – така што е можно некој од нив да ги режирал снимките. Така, на присутните им остави впечаток дека некој за време на партискиот состанок можеби скокнал од едната во другата просторија.

Сепак, упорните прашања на еден новинар го збунија Борисов. Во еден момент, тој обвини за фотомонтажа, па дури и даде изјава дека недостасува само „мало момче во спалната соба“. Слична полемика се појави и околу неговиот пиштол. И  повторно негираше дека спиел со пиштол до главата иако призна дека фотографијата на која се гледа дека спие е вистинска. Сепак, на неа има пиштол покрај неговата глава на наткасната. На прашањето како може да е автентична фотографијата а тој да не спие со оружје, на Борисов му беше тешко да одговори и ја смени темата.

Како куриозитет беше што на истата незаборавна прес-конференција претседателот Румен Радев не беше мета. Сè што беше кажано за него беше дека тој си играл со дрон и го пуштил да лета околу резиденцијата. „Радев ме гледа со дрон“, низ смеа рече Борисов и сето тоа звучеше како шега.

На крајот на септември фокусот падна целосно на претседателот. Претходно, информатичарите открија дека на видеото за дел од секунда може да се види женска силуета – со црн фустан, со долга коса. Тогаш Борисов раскажа друга приказна: фотографиите од спалната соба се направени од „убава дама“ испратена од луѓе блиски до претседателот за да ја „забрза целата оваа работа“ во отсуство на премиерот. И иако снимката според него беше вистинска, сноповите со банкноти и златните шипки се манипулација, бидејќи немало смисла да не се наоѓаат во сефот до вратата од спалната соба.Така, поранешните членови на ГЕРБ беа ослободени од обвинението, а обвинувањата паднаа на најблискиот круг на Румен Радев, што и да значи тоа.

„Јас разјаснив колку подмолно неговите луѓе, неговото најблиско опкружување, на многу елементарен начин, користејќи една многу убава дама, дојдоа и ги фотографираа во мое отсуство сите овие работи. Тие го сторија тоа совршено. Им  симнувам капа. Поминаа години, се подготвувале за тоа. Како полицаец, сметам дека тоа го направија фантастично“, изјави Борисов.

Неговата тактика функционираше. Додека сите се прашуваа какво е ова блиско опкружување,  медиумите блиски на Борисов сугерираа дека станува збор за  сопругата на еден од браќата Бобокови, кои штотуку паднаа во немилост на главниот обвинител Иван Гешев кој триумфално ја обиколуваше земјата за да ископа проблематичен отпад. Никој не негираше ништо, ниту стана познато дали биле направени испрашувања или други истражни дејствија.

Заплетот доби нови димензии со интервјуто за ФАЦ. Што е новото што е  додадено од Борисов? Дека има богат љубовен живот и дека безбедносната служба драстично ги прекршила безбедносните правила за премиерот.

„Никогаш во текот на сиве години кога ме посетуваа дами, чуварите не ги пребарувале и контролирале нивните чанти“, рече Борисов.

Дали службата ќе ги потврди неговите зборови? Исто така е многу важно јавниот обвинител да излезе од неказнивоста и да обезбеди информации за тоа дали дамите биле претресени и испрашувани. Затоа што со својата изјава Борисов покрена сомнеж во еден куп жени. И додека се грижиме за безбедноста на премиерот, да не ги заборавиме нивните.

Интервјуто сигурно беше многу вознемирувачко, па затоа премиерот мораше да дејствува театарски.

На прашањето „Значи, велите дека жена што со која сте имале афера го донела ова во вашата куќа?“, Борисов станува, ја зема чантата на шефот што седи покрај него во неговата канцеларија и вели: 

„Погледнете ја оваа чанта. Има доволно простор внатре за да соберете мали златни прачки и снопови пари. Тогаш дамата ми се јави и ми рече: ‘Доаѓаш? Те чекам’. Јас ѝ велам: ‘Чекај, јас сè уште сум на интервју, ќе бидам таму за 15 минути’. Стражарите имаат упатства да ја пуштат во мојата куќа, а таа знае дека има 15 минути во кои никој нема да ја вознемирува. Ми ги става парите и златото во шкафчето, излегува и почнува да слика со својот мобилен телефон и се враќа во мојата спална соба. Како Мата Хари“.

Клучот во оваа скица е тоа што Борисов воопшто не ја негира автентичноста на фотографиите. Тој само бара начин да нè убеди дека ова е реквизит. Поентата е дека фотографиите не се од истиот ден – за што сведочат нивните метаподатоци и различни чаршави и различните броеви на банкнотите.

Неговата приказна може да се прочита буквално – дека Борисов се сомнева дека за време на интервју бил измамен од специфична гостинка која тивко ги фотографирала спалната соби и златните шипки, што таа ги донела во нејзината торба. Сепак, фактите не се совпаѓаат. Затоа што дури и да е точна неговата изјава, таа не ги објаснува  другите фотографии, кои се од други датуми, како и видеото. Освен ако Борисов не се сомнева дека неговата љубов во 2017 година влегла многу пати со торба полна со снопови и златни шипки и секогаш успевала да го направи тоа додека тој бил „на интервју“.  Уште поинтересно во таквата верзија е како претседателот, кој штотуку го започна својот мандат, успеал брзо да го внесе својот агент во спалната соба на премиерот. Тука, се разбира, може да се почувствува силното влијание на шпионските филмови за агентот 007 и Емил Боев.

Сепак, споредбата со Мата Хари е значајна – во поглед на биографијата на хероината, нејзината професија и агенциската активност. И, иако теренот на моралот е секогаш страшно лизгав, тешко е да се замислат политичари кои доброволно признаваат дека комуницирале со платени агенти и тие беа многу убави.

Вреди да се одбележи дека кога тие ги објаснуваат аферите, во ГЕРБ сакаат љубовни изговори. Токму на таков заговор се повика блиската соработничка на премиерот Севделина Арнаудова – која се прогласи за Шехерезада кога беше под притисок од Васил Божков со прашањето што барала секој месец во неговата канцеларија. Веднаш излезе со романтична верзија – „Али Баба“ (Божков) ја посакувал, а таа го оттурнувала (и така секој месец). Обвинителството исто така го стави ова под тепих. Сепак, Борисов итро ја поддржа оваа приказна, бидејќи сфати дека личните односи можат да послужат како одличен параван. И, исто така, затоа што бугарскиот народ е трогнат кога станува збор за љубовта.

Во неговата желба да се оправда пред ФАЦ Борисов ја раскажа приказната уште еднаш и повторно направи варијација:

„Убава жена може многу лесно да ја помине мојата заштита. Така, моите непријатели внесоа злато и снопови пари во мојата куќа. Ме фотографираа додека спиев, а во друга прилика ја сликаа мојата спална соба со пари и злато. Постои видео што ги открива сторителите. Можете да видите како некој шета низ мојата куќа. На него се гледа бањата, соблекувалната и конечно мојата спална соба. Има неколку шкафови, но лицето кое го снимало видеото намерно оди до ноќната масичка и отвора фиока со пари и златни прачки“.

Разликите се видливи – една убава дама е веќе во множина. Се појавуваат и „сторители“. Верзијата сега сугерира повеќе упади во неговата спална соба. Главниот аргумент на Борисов е дека сè е видливо на видеото, дека камерата е насочена директно кон неговата ноќна масичка, наместо да речеме, кон комодата. 

Но, и тука можат да се побијат фактите – ако во фиоката редовно се ставале снопови пари и злато и тоа му е познато на снимателот, нема причина да не оди директно таму. Кулминација е одговорот на прашањето „Дали примате сѐ уште жени со непроверени чанти?“

„Сега дури не сакам да погледнам жена. Гледате, јас сум успешен политичар, но мојот личен живот е неуспешен. Работам 20 часа на ден, целото мое време е посветено на работата, додека непријателите се обидуваат да ми скројат скандали. Што? Тие велат дека поседувам куќа во Барселона, имот во Лос Анѓелес или грчки остров каде сигурно сум убил манекенка. Кога луѓето ќе погледнат внимателно, никогаш не останува ништо од овие обвинувања. Покрај тоа, треба да знаете дека Бугарија веќе долго време има црн пазар за компромитирачки материјали“.

Се разбира, прашањата што ги поставува ова интервју се многу и тие требаше да им бидат поставени на Борисов и на неговиот телохранител од страна на обвинител одамна. Споменатите посетителки на премиерот исто така требаше да бидат поканети на распит одамна и случајот да се расчисти. Постојат и други прашања на кои премиерот не одговори. На пример, ако сте навикнат да ја полниш фиоката со снопови пари и злато, зошто да го користиш сефот, веќе живееш во најчуваната спална соба во земјата? Ако безбедноста го прекршила протоколот, како се случило ова и кој ќе биде одговорен? Ако има заговор против премиерот и нарушување на неговата безбедност, колку месеци му требаат на обвинителството да го реши кривичното дело? Дали е проверена верзијата дека убава дама му ги донела парите а премиерот? Чии се тие пари и за што? Дали е прегледана спалната соба на премиерот? Ако сето ова е сторено, постојат две можности – убавата дама да биде ослободена од обвинение или да биде обвинета. Кое е направено од двете?

Така што, Борисов треба со својот џип да отиде директно во специјалното обвинителство. Таму треба со денови да им раскажува за своите авантури со Шехерезада и Мата Хари.  (Дневник.бг)