Мастер-клас со Никола Ристановски на филмскиот фестивал „Дрим Шорт“ во Струга

Со мастерклас на бардот на македонското и балканско глумиште, Никола Ристановски денеска продолжува вториот ден од фестивалот за краток филм „Drim Short 2025“.
Во рамките на програмата, како што соопшти организаторот, предвидени се проекции на филмови од Студентската програма во Јуроп Хаус Струга и работилница за филмска критика „Соочување со минатото“.
Деветтото издание на фестивалот „Drim Short 2025“ почна вчера, а ќе трае до 10 август, под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. Главните проекции, како што соопшти тимот на Дрим шорт, се реализираат во Паркот на поезијата, а останатата програма на повеќе локации низ Струга.
Во четирите фестивалски денови предвидени се пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма насловена „Соочување со минатото“. Натпреварувачката програма, според информацијата, ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со Еко свест и специјална ВР програма на кратки филмови.