Mасовни блокади од утрово на улици низ Србија


Во речиси сите српски градови, како и во главниот град Белград од утрово се поставуваат блокади. Студентите ги повикаа најголемите градови Белград, Нови Сад и Ниш целосно да сопрат денеска. Реагираше и Министерството за внатрешни работи и јави дека блокадите се незаконски, и најави преземање на сите мерки за да се заштити јавниот ред и мир.

Блокади се одржуваат во Белград, Нови Сад, Ниш, Чачак, Краљево, Ваљево, Панчево, Суботица и други градови. Првите апсења на граѓани веќе се евидентирани во Нови Сад. Во Белград, полицијата ги отстрани блокадите, а на улиците има силни полициски сили, вклучувајќи ја жандармеријата и полицајци во цивилна облека и со фантомки.

„Полицијата ги приведува граѓаните за преминување на улицата, но повеќе нема да можат да го прават тоа“, рече граѓанин, еден од учесниците во блокадите.

Во Ниш, жена се обиде да ја пробие блокадата со својот автомобил, но полицијата ја запре. Граѓаните во Ниш блокираат раскрсници со преминување на пешачки премини и со тоа го забавуваат сообраќајот, со присуство на полициска придружба.Во Белград од утрово не може да се користат трамваите и тролејбусите.

Блокадите во Србија траат веќе пет дена, како реакција на апсења на демонстранти. Полицијата соопшти дека вчера биле преведени 79 лица.

 Српскиот претседател Александар Вучиќ апелираше на смиреност, и ги замоли да не се урива земјата.

 
„Оние кои го сакаат тоа, нема да победат. Оние кои не ја сакаат земјата, се одлучија целосно да ни го загорчат животот. Најавени целосни блокади од раните утрински часови. Ги молам како обичен човек, не како претседател, да не го прават тоа и да не ја мразат својата земја толку. Не сакаме да реагираме, и избегнуваме употреба на сила“, рече Вучиќ синоќа.
 
Српските медиуми јавуваат дека од утрово се води трка на граѓаните и полицијата околу поставувањето и отстранувањето на блокади на сообраќајници.