Масовната мобилизација може да биде фатална грешка на Путин
Актуелна тема деновиве се плановите на рускиот претседател Владимир Путин околу прославите на Русија за Денот на победата в понеделник. Според Украина, тој ќе ја искористи годишната комеморација на победата на Советскиот Сојуз врз нацистичка Германија за да соопшти масовна мобилизација на неговите резерви, пишува Скај Њуз.
Независниот истражувач и експерт за Русија, Камил Галев сугерира дека постои реална можност претседателот да се одлучи за таква опција – што според него, би било тешка грешка со можни далекусежни последици за лидерот.
– Судејќи според природата и навиките на Путин, јас би ја проценил можноста тој да објави масовна мобилизација на 9 мај на 20 отсто. Тој може да ги подигне влоговите наголемо за пи-ар ефект и за зајакнување на неговиот легитимитет. Но, како и да е, најверојатно тоа би било тешка грешка. Путин апсолутно може да објави масовна мобилизација, но тоа ќе биде спроведено во ситуација на речиси никаква инфраструктура и речиси никакви организациски капацитети за таква мобилизација и во рамките на воена доктрина што ефективно ја исклучува можноста за таква мобилизација, појаснува Галев.
Како што тој смета, во случај на целосна мобилизација, „ние би имале преполни касарни и објекти за обука со огромен број од недоволно мотивирани регрути под слабо раководство“.
– И овие регрути знаат, ќе бидат испратени во Украина, каде, најверојатно, ќе бидат убиени во акција. Тоа е поттик за револуција. Сега, би ја проценил можноста за успешен масовен револт во Русија близу до нула. Во случај на масовна мобилизација, тој ќе се зголеми до небото. Ќе има тони вооружени луѓе со непосреден личен интерес за соборување на режимот, истакнува Галев.