Масовната екоакција во Аеродром заврши со чистење на училишните дворови
Масовната екоакција што ја почнаа пред две недели Општина Аеродром и ЈП „Комунална хигиена“, денеска финишира со чистење на дворовите на сите основните училишта.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, заедно со помошник-директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Златко Христовски, и со претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, се вклучија во акцијата во ООУ „Блаже Конески“ во населбата Мичурин.
„Ги охрабрувам младите што денеска чистеа со нас и во иднина да бидат пример за возрасните и да продолжат да се грижат за чиста животна средина“, порача градоначалникот Марин. Главната цел, како што појасни Марин, е да се подигне еколошката свест кај најмладата популација и секој со своите постапки да придонесе за заштита на животната средина.
Исто така, денеска беше извршено машинско и рачно метење на главните и сервисните улици низ Општината.
Во изминатите две недели беа исчистени голем број мини депонии, а на повеќе локации беа поставени и контејнери за собирање кабаст отпад.