Маскенбалот „Батко Ѓорѓија“ по 21 пат на градски плоштад во Куманово

По 21 пат, утре со почеток во 10: 00 часот на градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи овогодишното издание на маскенбалот „Батко Ѓорѓија“, информираа денеска Фондацијата за култура и спорт „Куманово“. Манифестацијата се одржува под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово. Настанот повеќе од две децении го привлекува вниманието на граѓаните.
– Годинава има петнаесет групни маски и очекувам најмалку 500 учесници од градинките, основните и средните училишта. Секоја маска ќе има кусо дефиле, перформанс проследен со музички настап, изјави директорот на Фондацијата, Марио Аранглеовски.
Надлежните ги повикаа кумановци како и досега да го проследат настанот на кој учествуваат младите, да уживат во креативноста, радоста и енергијата на младите, да го поддржат детскиот дух.
– Очекуваме стандардно прекрасна манифестација, шаренило од бои и иновативни маски, рече Арангеловски.
Секој од учесниците ќе добие пофалница.