Маска со кислород во авионот


РУДИ ЛАЗАРЕВСКИ

Дилемата е дали прво треба политички стабилна и здрава држава, или здравјето на луѓето е пред функционална и здрава држава.  Јас немам такви дилеми. Здравјето на луѓето не може да се обезбеди ако немате функционална држава

 

Не сум правник и не можам да го толкувам уставот и законите. Поточно, не се осмелувам, во интерес на работата, редот и дисциплината во една нормална држава. Друго е прашањето дали сме ние нормална.

Знам дека уставот,законите, уредбите и се останатото мора да се почитуваат додека не се променат во интерес на граѓаните како фундамент на една држава. Или можеби не сум во право како резултат на мојот старомоден поглед на редот, работата и дисциплината во една држава. Ама убеден сум лично, дека само со овие три збора може да се биде нормална држава.

Модерниот и емотивно просечен неписмен граѓанин, како секаде во светот, ставовите и мислењата ги консумира како фаст фуд од огромниот број шљкмкд портал во државата. Се нема време, ниту желба за натпросечност и ред, работа и дисциплина во проценката на лажни или вистински мислења и децидни професионални ставови.

Секојдневието, а особено личните интереси го мелат модерниот просечно неписмен граѓанин. Се нема време за сериозен и професионален поглед на нештата. Затоа секој јасен став и професионален поглед нема место на овие популарни шљкмкд портали. Затоа ваквите погледи и ставови поминуваат незабележано и заборавено во рок од 24 часа. Дигиталната уметност на лажните вести е доведена до совршенство во континуираното рушење на државата. Ако не е до таму отидено, сигурно е во функција на градење на лажна држава и просечно лажна писменост на граѓаните.

Деновиве, просечно неписмениот граѓанин е опседнат со една во моментов огромна лажна дилема. Поточно дилемата е дали прво треба политички стабилна и здрава држава, или здравјето на луѓето е пред функционална и здрава држава.  Јас немам такви дилеми. Здравјето на луѓето не може да се обезбеди ако немате функционална држава. Или воопшто држава. Затоа во авион пред полетување ви велат, маската со кислород треба да ја стави прво родителот, потоа родителот става маска на детето. Ако биде обратно и родителот се задуши, кој ќе му ја стави маската со кислород на детето? Сосема рационално и безбедно и во функција на здравјето на детето.

Оваа лажна дилема деновиве, едноставно речено, е сведена на тоа дали прво избори за стабилна и функционална држава или прво здравјето на просечно неписмениот граѓанин, кој во принцип и не сака стабилна и функционална држава, ниту пак ред, работа и дисциплина.

Околу оваа лажна и партиски исконструирана дилема, која веќе личи на деструкција и диверзија,  деновиве прочитав јасен и професионално дециден став на професорот Светомир Шкариќ. Вели, согласно уставот, со престанувањето на вонредната состојба автоматски тече рокот за одржувањето на закажаните предвремени избори. Значи, прво маската со кислород во авион ја става родителот, за да може да го заштити здравјето на детето. За жал, оваа изјава во морето на шљкмкд портали со  партиски ставови, остана забележана само 24 часа. Без професионално второ мислење.

Би било добро, почитуваната професорка Гордана Силјановска-Давкова, како еден од врвните партиски правни идеолози на опозицијата (читај ДПМНЕ) јавно да го соопшти својот дециден професионален став. Всушност, таа има професионална обврска согласно кодексот на етиката да го соопшти својот професионален став. Мислам дека многу е битно модерниот просечно неписмен граѓанин да нема лажни дилеми. Според уставот, кој треба во авионот прво да ја стави маската со кислород? Родителот или детето?

(Руди Лазаревски е економски аналитичар)