Маск: Твитер ја одложува новата верзија на сината ознака
Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, во понеделникот изјави дека социјалната платформа го одложува повторното лансирање на услугата за претплата на сини ознаки, која се издава како потврда за автентичноста на профилот.
„Го одложуваме рестартирањето на ‘Blue Verified’ додека не бидеме многу уверени дека нема да има имитирање“, напиша Маск на Твитер.
„Веројатно ќе користиме различни бои за штиклирање за организации и за поединци“, додаде тој.
Посакуваниот син беџ претходно беше резервиран за проверените сметки на политичари, познати личности, новинари и други јавни личности.
Опцијата за претплата, отворена за сите што сакаат да платат, беше воведена претходно овој месец за да му помогне на Твитер да ги зголеми приходите додека Маск се бори да ги задржи огласувачите.

Твитер ја суспендираше таа нова услуга за претплата на сини ознаки од 8 долари, бидејќи лажните сметки растеа како печурки и најави дека услугата за претплата на сини ознаки на Твитер ќе биде вратена на 29 ноември.
Маск исто така твитна дека Твитер додаде 1,6 милиони корисници минатата недела, што е „уште едно највисоко ниво на сите времиња“.
Огласувачите на Твитер, вклучително и големите компании како Џенерал Моторс, Монделез Интернешнл, Фолксваген АГ, привремено го прекинаа рекламирањето на платформата.
Стотици вработени на Твитер, исто така, се проценува дека дале отказ минатата недела, откако Маск во четвртокот им даде краен рок на вработените да се пријават за „долги работни часови со висок интензитет“ или да заминат.