Маск најави дека ќе му одобрат рекордна исплата, акциите на „Тесла“ скокнаа за 7 отсто


Акциите на американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ скокнаа за седум отсто откако неговиот извршен директор Илон Маск на платформата Х (Твитер) објави дека акционерите се подготвени да одобрат рекордна исплата од 56 милијарди долари.

Тој додаде дека акционерите се согласуваат и со неговиот план за пререгистрација на компанијата од американската сојузна држава Делавер во Тексас, пренесува Си-Ен-Би-Си.

„Сегашните резултати покажуваат дека големо мнозинство се согласува со двете одлуки. Ви благодариме за поддршката“, напиша Маск, објавувајќи слики од соодветните графикони.

Судот во американската сојузна држава Делавер на крајот на јануари пресуди дека компанијата „Тесла“ неправедно му платила 56 милијарди долари на нејзиниот извршен директор Илон Маск во 2018 година, наведувајќи дека тоа е „неразбирлива сума“ која е неправедна кон акционерите, објави TechCrunch.

Судијката Кетлин Мекормик тогаш изјави дека компанијата „Тесла“ и адвокатите на Маск не можат да докажат дека акционерите ги имаат сите достапни информации при гласањето и дека Маск има „цврсти врски“ со луѓето кои биле задолжени да преговараат во име на „Тесла“.

Според тогашната пресуда, акционерите на „Тесла“ морале повторно да гласаат за наградата за Маск, а тој самиот додал гласање за пререгистрација на компанијата од Делавер до Тексас.