„Масив атак“ во Скопје на 28 јуни

Британскиот трип-хоп состав „Масив атак“ (Massive Attack) летово – после 15 години, се враќа во Скопје, соопшти „Авалон продукција“.
„Ако има некаква реална корист од технологијата и фактот дека таа секој ден е сѐ подобра и подобра, а некои сегменти од животот поради неа се сѐ полоши и полоши, сигурно сте свесни дека, благодарение на неа, денес ’Масив атак‘ звучат и изгледаат на сцената подобро од кога било досега… Бидејќи, нивната музика е едноставно бесмртна, а техничките можности за нејзината презентација и интерперетација во живо – подобри од кога било“, се вели во соопштението на „Авалон“.
Така, на концертот закажан за налето во Скопје, се вели, љубителите и обожавателите повторно ќе може во живо да ги чујат песните „Safe from harm”, „Angel”, „Teardrop”, „Рrotection”, „Unfinished Symphony”, „Inertia Creeps” и други дела на електронската трип-хоп музика, коишто – „на сцената се далеку повозбудливи од студиските верзии“, според известувањето. Настапот треба да се случи на 28 јуни – сабота, на Стадионот на АРМ.
„Влезниците ќе бидат пуштени в продажба од среда – 5. март, во 10 часот наутро на интернет-страницата ’Авалон букинг’, а сите подробности околу истите ќе бидат објавени во 21 часот (вечерва) на нашите платформи“, се додава во соопштението на „Авалон“.