Мас: Неразбирлива е одлуката за поништување на изборите во Истанбул
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас денеска изјави дека одлуката за анулирање на резултатите од изборите за градоначалник на Истанбул не е транспарентна и не може да се разбере.
– Одлуката на турската Врховна изборна комисија за поништување на локалните избори во Истанбул и истите да се повторат, од наша гледна точка, ниту е транспарентна ниту е разбирлива, посочи Мас.
Тој додаде дека само турските гласачи можат да одлучат кој ќе биде градоначалник и укажа на важноста на основните демократски принципи и транспарентни изборни правила.
Турската Врховна изборна комисија вчера ги поништи резултатите од локалните избори во Истанбул на кои победи лидерот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу. Повторените избори ќе се одржат на 23 јуни.
Претходно реагираа шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со заедничка изјава, потоа австрискиот канцелар Себастијан Курц и претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Андерс Кнапе.