„Марш за ангелите“ во Скопје: Не ве киднапираме, не ве прогласуваме за терористи – одете си! (во живо)
Ни убивте сѐ, но, ќе ве стигнеме ние! Џабе ви се 400 илјади евра за анкети за рејтинг на ден пред погребот на децата, рекоа гневните луѓе

Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска пред Јавното обвинителство во Скопје повикаа на одговорност и побараа оставки од сите одговорни и формирање на експертска влада.
„Дојдовме со душа и срце. Не сме вооружени. Не плашете се. Не ве убиваме, не ве прогласуваме за терористи, не ве киднапираме. Ни убивте сѐ, но ќе ве стигнеме ние. Џабе ви се 400 илјади евра за анкети за рејтинг на ден пред погребот на децата. Сите да си дадете оставка и да ги напуштите узурпираните институции. Заминете си дома кај децата! Нема да ви се одмаздуваме!“, рече Владимир Апостолов од Кочани и се извини за тешките зборови што ги изговори, но ако се неспособни, нека им ја остават работата на оние кои се способни.
„Системот убива, институциите молчат“, „Корупцијата убива побрзо од оган“, „Селективна одговорност е неодговорност“, стоеше на дел од транспарентите.
„Ги повикуваме сограѓаните Албанци да дојдат со Куранот во рака! И од нивниот Бог ќе бидат благословени, а и од нашиот. Ние луѓето сме држава. Ова е партиско дувло, ВМРО-вска институција, бизнис картелска институција. Пред тоа беше на СДСМ и којзнае на кого. Нѐ лажат дека е многу тешко да се докаже верижната одговорност. Лаик сум за право ама најчлаички ќе ви кажам. Највиновни за сѐ, па и за убиствата на децата, се Јавното обвинителство и МВР. Дали еднаш ЈО има излезено по допрен глас, а има обврска. Ниеднаш. Не се само овие 62 деца, уште речиси 200 деца кои доживотно ќе останат инвалиди и физички и психички“, беше речено на протестот.
„Дали овој фраер тука – т.н. јавен обвинител само по партиски потреби презема активности. Нѐ убедуваа дека правеле криминали и дека неправилно работеле сите. Исто така и шизикот Тошковски – двајцата се највиновни за оваа работа. Дали после толку убедувања за криминали за да седнат на власт и дека неправилно работеле тогашните институции направија ревизија на нивните претходници. Дали е некој затворен? Дали најголемиот криминалец Зоран Заев е затворен? Не е. Најдобар бизнисмен е. Дали Крсто Мукоски е затворен? Не е“, рече денеска еден од членовите на семејствата на загинатите во кочанската дискотека на протестниот „Марш на ангелите“ во Скопје, со кој се бара одговорност за една од најголемите трагедии во Македонија.
Од пред зградата на Јавното обвинителство побараа од обвинителите да излезат од зградата и да не ги манипулираат дел од родителите за да го контаминираат маршот.
Дел од семејствата влегоа во зградата на Јавното обвинителство од каде вчера беше упатен повик за средба со државниот јавен обвинител и со обвинителите кои ги водат предметите за овој случај.
„Господинот (Љупчо) Коцевски, кој ќе го апси него? Пред него бил Љубомир Јовески, Марко Зврлевски… Дали се уапсени? Панче Тошковски нѐ убедуваше дека имало големи криминали…Дали се приведени началниците што се поставени и се директно одговорни? Пред него беше Оливер Спасовски, дали е приведен? Дали се приведени Наќе Чулев, Агим Нухиу, Гордана Јанкулоска, Оливер Андонов…“, кажа Апостолов и ги наброја сите претходни и актуелни функционери од Министерството за економија и ДПИ кои ги предводеле институците, а не се уапсени.
Протестот продолжи пред Собранието:
„Ова е убиство во име на парата. Не ние да влегуваме, они нека излезат“, изјави друг родител чие дете настрада во дискотеката „Пулс“.
Во исто време, во Собранието се одржува седницата за интерпелација на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски поднесена од пратеничката група на Левица.
Еден од насобраните побара да излезе некој од пратениците од Кочани, а ги има неколку рече, да ги поддржи и да биде нивниот глас во институциите.