Марк Цукерберг го купи ирскиот замок Странкали од 19 век
Извршниот директор и основач на „Мета“, Марк Цукерберг, го купил Странкали, замок во готски стил од 19 век со поглед на река во југоисточна Ирска, на 200 километри од европското седиште на неговата компанија, изјави денес портпаролот на компанијата.
Замокот Странкали е изграден околу 1830 година на земјиште со поглед на реката Блеквотер и бил подложен на обемни реновирања во 2003 година, според Националниот архитектонски архив.
Трансакцијата не е наведена во националниот регистар на цени на недвижности во Ирска.
„Ајриш тајмс“, кој прв објави за купувањето, процени дека вредноста на имотот што го купил Цукерберг може да биде помеѓу 20 и 30 милиони евра.
Портпаролот на Цукерберг изјави дека тој и неговото семејство се „возбудени што ќе продолжат да се грижат за овој историски дом и со нетрпение очекуваат да поминат време во Ирска“.
„Мета“ вработува околу 1.500 луѓе во Ирска, каде што многу американски технолошки мултинационални компании имаат свои европски седишта, делумно поради поволниот даночен режим на земјата, објави Ројтерс.