Марија Шерифовиќ, упорна Шкорпија, со молитва и љубов во Скопје 


Очекувањата дека најголем нејзин хит во Македонија е евровизиската „Молитва“  (2007, Хелсинки) излегоа погрешни. Речиси секоја песна на Шерифовиќ е хит кај скопската публика. И кога пееше на првиот концерт во „Борис Трајковски“  во 2018 година, и годинава, кога на 2 ноември, се очекува вториот славенички концерт, на истото место, по повод новиот  албум кој го носи насловот „Долази љубав“ (2023), кој воедно е и името на нејзината претстојна концертна турнеја која започна на 8 март во Загреб, а продолжува низ 30 градови во регионот. Шерифовиќ му го посвети албумот на синот Марио, кој се роди на крајот на минатата година во Америка со сурогат мајка. 

Со својата автентичност, фантастичните интерпретации и емоција,  како и незгодниот карактер, веќе две децении се наоѓа на врвот на регионалната музичка сцена. Изминатата година, Марија Шерифовиќ прослави 20 години успешна кариера.

Денес, на пресот во Скопје, ( во организација на Прагма продукција) уморна, настината и со примени инјекции, потврди дека славата не ја сменила. Таа е истата, и со професионалноста на упорната Шкорпија со Бик, и со изгледот, и со размислите, со успоните и падовите, со својот „брз“ јазик кој никого не штеди, или на сцена, или на интервју или како дел од жирито во шоуто „Ѕвездите на Гранд“. Вели, има многу талентирани млади пејачи, кои од погрешни причини се занимаваат со музика, или заради слава или заради пари. 

„Можам наутро да станам на лева нога, да не сум расположена пред концерт, но контактот и енергијата од публиката ми е најважна. Оганизаторите си имаат свој концепт но јас секогаш негодувам и се обидувам да бидам погласна од оние во ВИП делот кои се веднаш до бината, затоа што таму седат луѓе кои пушат, пијат и изигруваат манекени со своите ролекс часовници… Јас тоа не го сакам. Јас сакам да ми е блиску публиката од партер. Ни малку не ги омаловажувам оние во ВИП делот, тие го сакаат својот вид на луксуз и мене тоа ми е јасно, но најстрасните фанови се во партер”, додаде една од најценетите вокали во регионот.

Вели на секој концерт веќе 20 години се обидува да запамети барем една насмевка, барем едно лице или приказна за што би можела да раскажува кога ќе биде постара на своето дете и внуци.

На прашање на новинарите дали повторно би се пријавила на Евросонг, категорично кажа не, затоа што веќе не се цени добрата песна и интерпретација.

Најави дека би сакала да пее до свои 58 години и ништо повеќе. Марија истакна дека не сака во својата длабока старост се уште да биде на сцената и да ги прави сите овие работи, туку тој период доколку се уште е жива, би сакала да ужива.

“Не е ни малку лесно, ни малку забавно на Балканов на било каков начин да бидеш поинаков. Ова е мој апел до било кого кој е свој, на свој начин, да ја зголемува својата самодоверба, својата глава, своето ментално здравје и да не потклекнува кон тоа да се промени и да падне под притисокот на препреките во животот. И на крајот можам да кажам само Боже ти благодарам што има кој да ме слуша”, заврши таа.

На сцената во Скопје и на нејзиниот репертоар, освен добро познатите стари хитови, ќе се најдат и песните од новиот албум, на кој се чекаше цели 10 години. Не знае дали ќе има гостин на концертот. (Л.С.)