Маричиќ: За првпат имаме рок за проширување, да не се пропушта оваа шанса


Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека не треба да ја пропуштаме оваа шанса и да се блокираме самите себе чекајќи подобри времиња, во момент кога се праќа недвосмислен сигнал за проширување на ЕУ.

– Ова е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат кон подобро, поповолно кон нас и мислам дека што побрзо ги завршиме нашите обврски ќе се најдеме во групата на наредни членки на ЕУ, додаде Маричиќ.

Воведниот говор на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на отворањето на Бледскиот стратешки форум, според вицепремиерот Маричиќ е сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето, бидејќи како што рече „за прв пат по претходното проширување имаме временска одредница којашто официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување“.

– Мислам дека е тоа добар план, добар политички сигнал и затоа нашата стратегија на брз влез во ЕУ добива уште повеќе на сила, тоа ни кажува дека чекањето не е стратегија, чекањето е само стратегија којашто ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта за ЕУ, порача Маричиќ.

Маричиќ за 2030 како можен датум за следното проширување на Унијата укажа дека тоа е временска рамка за којашто и Владата говори долго време и што си го постави како цел, а тоа според него значи дека „нашите очекувања и нашиот план е реален и остварлив.“

– Станува збор за следно проширување со нови членки во 2030 година, тоа е многу важен сигнал од ЕУ којшто ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега оваа година, сите напори за коишто ни велат дека брзаме, всушност не брзаме и се оправдани, изјави Маричиќ, потенцирајќи дека треба да се искористи можноста што јавно беше соопштена во Блед.  

На прашањето за можноста и најавата за промена на правилата во ЕУ за нови членки, Маричиќ смета дека е еден вид научена лекција од Бугарија и од други држави, коишто го искористија своето право на вето во ЕУ да блокираат соседни држави.

– Целта на таа нова политика што ја изнесе како идеја претседателот на Европскиот совет е за определен период, временски ограничен, држава членка којашто би била новопристапена да нема право да блокира своја соседна држава по одредени прашања, објасни вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.

Маричиќ напомена дека тоа ќе биде еден вид гаранција што ќе влева доверба и надеж на сите држави во регионот дека нивниот сосед којшто би отишол две или пет години порано во ЕУ од својот друг сосед дека нема да го искористи или злоупотреби своето право на вето спрема соседот, бидејќи според досегашната пракса „тие вета досега создаваа голем немир во регионот, голем немир во ЕУ и удираа директно на кредибилитетот на ЕУ“.

– Тоа значи дека духот којшто во моментот работиме и односите што ги имаме со ЕУ треба да се искористат во наша полза, да ги завршиме обврските што ги имаме пред нас и да тргнеме без натамошни пречки во ЕУ, повика Маричиќ.