Маричиќ: Стојам целосно зад Заев кој јасно кажа дека нема преговори за нашиот идентитет


Фото: Б. Грданоски

 Недвосмислено стојам зад премиерот Зоран Заев и неговите искрени намери во отворање на патот за почеток на преговорите, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Во интервју за „Еурофокус“ на ТВ Телма, Маричиќ нагласува дека земјава изоди многу долг и мачен пат за да дојде до точка на почеток на преговорите и ова, според него, е уште еден дополнителен екстра напор за отворање на перспективата и за движење на државата во иднина.

-Овој процес не е ниту едноставен, ниту лесен. Мислам дека премиерот дообјасни многу од неговите ставови наредниот ден по интервјуто, вчера. Јасно и недвосмислено кажа дека можеме да разговараме за многу прашања со Бугарија и тоа го правиме и рамката на Договорот за добрососедство е таа, но нашиот идентитет, македонскиот јазик и правото на самоопределување како Македонци не се на маса на разговарање и тоа е многу важно за јавноста, за сите да бидат свесни дека во ниту еден момент, ниту премиерот, ниту Владата, не се со намера да преговараат и разговараат за нашиот идентитет, потенцира Маричиќ.

Ќе видиме, додаде министерот, како ќе протечат наредните денови.

-Она што за нас е битно е да опстоиме на идеата, намерата и напорите да ги отвориме преговорите. Секако, имаме наши ставови и позиции кои се јасно определни и искажани. Сметаме дека одредени прашања од историјата може да се дискутираат, но сепак, антифашистичкиот темел на нашата држава не е под прашање, ниту некогаш бил, истакна Маричиќ.

Тој оцени дека во наредниот период е важно да се најде модус како ќе функционираат билатeралните спорови во рамки на преговорите.

-Тоа е прашање и за ЕУ, не само за нас и за Бугарија. Затоа, и ЕУ и европските институции и државите членки како заинтересирани страни, учествуваат во дефинирањето на преговарачката рамка. За нас е главно прашање каков ќе биде третманот на билатералниот спор околу историските теми со Бугарија во рамките на преговорите, нагласи Маричиќ.