Маричиќ очекува и негативни реакции за предлогот за укинување на ветото во ЕУ

Процедурата за уставните измени е почната, а гласањето ќе се случи во оној момент „кога ќе бидеме сигурни дека има добри шанси за 80 гласа“, вели Маричиќ


Фото: Б. Грданоски

 

Фото: Б. Грданоски

 

Во однос на забелешките во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) за правата на Бугарите во Македонија и дали е можно тие да бидат внесени во Акцискиот план што треба да го испорачаме на ЕУ, Маричиќ нагласи дека ЕКРИ е тело на Советот на Европа а не на Европската унија. 

„Ние имаме скрининг извештај  кој е усвоен од земјите-членки и очекуваме да добиеме покана за споделување, односно доставување на тие патокази. Не чекаме тоа да се случи, туку паралелно работиме на изготвување на тие патокази. Имавме два круга консултации со институциите и два круга консултации со граѓанските организации. Кога ќе добиеме формална официјална покана за доставување на патоказите ќе имаме формални консултации со граѓанските организации, а планираме и најмалку една сесија во Собранието, преку Националниот совет за европски интеграции или преку Комисијата за европски прашања или на заедничка седница. Оставаме простор предлог да дадат собраниските тела и Собранието“, рече Маричиќ.

Досега за Акцискиот план немало разговори ниту со Бугарија, но оцени дека сите, што ни одат во прилог или не, треба да се разгледаат во однос на законската рамка и во однос на институционалната пракса за да докажеме како земја дека системска дискриминацина не постои против никого во Македонија.

„Отворени сме за подобрување и утврдување на статусот на која било заедница кај нас, бидејќи тоа се наши граѓани, но во никој случај не се согласуваме дека постои дискриминација само кај една етничка група“, рече Маричиќ.  

Во однос на уставните измени тој истакна дека процедурата е почната, а гласањето ќе се случи во оној момент „кога ќе бидеме сигурни дека има добри шанси за 80 гласа“.

„Инаку претходно нема зошто да го отвораме. Ние, како што кажа и премиерот неколку пати, разговараме со сите пратеници, спремни сме и сметаме дека има уште време за да се донесат вистинските одлуки. Секако помалку време има со секој изминат ден, но имаме доволно време сите обврски да ги завршиме до крајот на оваа година. Работиме паралелно на сите процеси, и на патоказите и на Акцискиот план и на уставните измени“, рече Маричиќ.

За нон-пејперите кои стигнуваат од земји членки на ЕУ со предлози за проширувањето, вклучувајќи го и франсуско-германскиот, вицепремиерот рече дека сите што даваат отворена поддршка на зачленувањето на државите од Западен Балкан, како  австрискиот, се  добредојдени и се позитивен притисок кон институциите на ЕУ и кон државите членки за изготвување јасен и недвосмислен план за членство, бидејќи само тоа може да ја врати довербата кај нашите граѓани дека ова е кредибилен процес.

„Ние силно веруваме дека е кредибилен процес и затоа сметам дека овие се добронамерни и добредојдени документи кои треба само да го продолжат на она што го кажа претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, во Блед за реалната можност за членство во 2030 година. Овие документи ги гледам само како поддршка на тој политички став, за тоа да биде преведено во конкретна политика а не остане само став“, рече Маричиќ.

Австрија минатата недела преку нон-пејпер испратен до високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и до еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, но и до земјите-членки, побара конкретни чекори од Европската унија за постепена интеграција на Западниот Балкан.Австрија бара од институциите на ЕУ да презентираат јасна агенда за етапна и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан со конкретни чекори за имплементација до 2024 година и во следниот период, врз основа на „фер и ригорозни услови и принципот на поединечни заслуги“. (С.Ј.)