Маричиќ најави брзо прочистување на судството

Доаѓа време за ред, правда и дисциплина. Кој не сака да го почитува законот ќе мора да се соочи со него, најави денес новиот министер за правда, Бојан Маричиќ на прес конференција. Тој нагласи дека потребните закони се донесени и сега преостанува само нивно спроведување.

Тој посочи дека правдата, заедно со економијата и евроинтеграциите, се врвни приоритети на Владата во овој втор мандат.

-На првата седница на Владата ми беше доделено мандатно писмо од страна на премиерот Зоран Заев, во кое се наведени задачите и мисијата, кои, како министер за правда треба да ги исполнам. Во мандатното писмо се наведени обврските и реформите кои треба да ги спроведам, а се однесуваат на судството и обвинителството, евроинтеграциите, Изборниот законик и подобрување на услугите кон граѓаните, рече Маричиќ, додавајќи дека довербата на јавноста во правосудството е на загрижувачко ниско ниво.

-Граѓаните бараат правда и очекуваат брза завршница на предметите во судовите, граѓаните бараат еднаквост пред законот. Транспарентно и одговорно судство и обвинителство се предуслови за нормално функционирање на владеењето на правото. Кога довербата на јавноста во правосудството е на ниско ниво, тоа значи дека граѓаните се скептични и не веруваат во одлуките на судовите, дека тие не обезбедиле еднаквост пред законот. Не смее да има недопирливи пред законот и институциите, рече Маричиќ.

Запрашан што ќе вклучи моделот за прочистување на судството што се подготвува, Маричиќ рече дека тој подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција, а Судскиот совет  треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои застареле или се пред застарување.

-Паралелно на овој процес на почетокот на наредната година се очекува да започне ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство но и домашните експерти. Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со високата корупција, додаде тој.

Со овој процес според него ќе се злеми кредибилитетот на судските одлуки и процеси во целина, како и одговорноста на обвинителите и судиите во однос на ефикасноста во постапувањето.

Тој најави и  ревизија по случаен избор на 5 отсто од предметите од висок профил, на случаи кои застариле да се утврди причината, итн.

– Моја мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите кои ги следат граѓаните, рече тој.

Понатаму, како што нагласи, ќе работи на унапредување на АКМИС-от и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, нотарите, медијаторите, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти.

-Во соработка со Владата, ќе предложиме нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки, додаде тој.

Најави дека ќе ги вложи сите напори за кадровско зајакнување на судовите и обвинителствата и зголемување на бројот на стручни соработници за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.

-На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Во моментот се договара преговарачката рамка и се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе ја имаме до крајот на годинава, истакна Мричиќ.

Еднакво важно, како што посочи се и измените на Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори, но не беше сигурен дека ќе се оствари и најавата за една изборна единица.

-Изборниот законик се носи со апсолутно мнозинство, тој закон се носи со консензус, од СДСМ имаше определба за една изборна единица останува на волјата на останатите политички чинители. Доколку клучните партии се согласат ќе ја вградиме, ако не наредните избори локални да овозможат на советничките листи да се гласа со преференцијални гласови со сосема отворени кандидатски листи, рече Маричиќ.