Интервју со Мариане Бигум: Градењето станови е едно од најголемите загадувања

За пратеничката од Данска системите за менаџирање на водата, на отпадот и јавниот транспорт се непостоечки во нашата држава, но советува да не го поминуваме истиот пат што го поминала нејзината држава, туку да почнеме од последните политики што ги преземаат


 

Мариане Бигум е парламентарка од партијата на Зелените во Данска, која деновиве престојуваше во посета на македонското Собрание како дел од данската Комисија за европски прашања. Освен фрустрираноста со која се соочи за време на разговорите околу уставните промени, таа го пренесе и своето искуство во однос на најновите политики за заштита на животната околина во нејзината земја и во ЕУ. 

Член сте на Комисијата за европски прашања на Данска која деновиве престојуваше во прва посета на Македонија. Имавте многу средби , кои се впечатоците од нив? 

Разбирливо, видовме многу фрустрација и многу нестрпливост околу процесот за проширување, кој трае премногу долго. Исто така постои разочарност поради неправдата, што ја почуствувавме на сите средби, но и широка согласност дека сакате да бидете земја членка на ЕУ. Од никого не слушнавме нешто поинакво. Ова е многу тешка ситуација за Македонија, не само поради уставните измени, туку и промената на името претходно, поради целата дилема ако го направите тоа дали има гаранција дека барањето ќе биде последно и воопшто целата ситуација околу процесот.  

Разговаравме многу околу уставните измени што сепак е најголемата болка сега, како да се стигне до двотретинско мнозинство и што да се направи за тие да бидат изгласани во парламентот. Мене ми изгледа дека ситуацијата е блокирана на национално ниво, дека е тешко  да се изгради мост на овој  јаз на разочарување, но затоа сме тука, за да покажеме дека сакаме да го изградите тој мост, дека сакаме да ви помогнеме и да ви олесниме да го завршите процесот. Ова беше официјална парламентарна посета со цел да ве охрабриме бидејќи слушнавме дека некои тука мислат дека не сакаме Македонија да биде дел од ЕУ. Да бидам искрена, никогаш не сум слушнала ниту еднаш во мојот парламент тоа да било поставено како дилема, туку напротив, многу високо на нашата агендата е како да стигнете до таму. Многу сме проактивни и позитивни околу тоа и сакаме да станете членка на ЕУ. 

 

Дали Данска сѐ уште е земја пријателски настроена кон проширувањето?

Да. Има 14 или 15 партии во парламентот, но мнозинството е пријателски настроено кон проширувањето. Главните партии во парламентот дефинитивно го поддржуваат проширувањето и ја поддржуваат Македонија. 

 

Доволно ли е ЕУ да го тргне ветото само од отворањето и затворањето на поглавјата за да се забрза приемот на нови членки? Бидејќи ветото ќе остане сепак на крај? 

И за мене е новост француско-германскиот предлог и затоа немам сѐ уште јасен одговор. Но, она што знам е дека за нас во Данска најжано е исполнувањето на Копенхашките критериуми, а  барањето за уставните измени го менуваат фокусот. Ниту во ЕУ никој не ги сака билатералните прашања во процесот на преговорите за членство и мнозинството сакаат да се зголеми брзината на реформите и да има реформи и во другите сфери. Ние сме фокусирани на второто. Овој процес не е битен само затоа што ќе станете членка на ЕУ туку е добар и за општеството за кое е неопходно  и важно да се заврши добра работа, да се зголеми стандардот во земјата, да се намали корупцијата… За мојата партија  и за другите во данскиот парламент прашањето е како да помогнеме Македонија да напредува во процесот. Не сте сами во ова.

 

Кој дел од преговорите со ЕУ, според вашето искуство, ќе биде најголем предизвик за Македонија и кој може да биде најскап?

Најскап? Јас мислам дека сите се инвестиции и, ако ги гледате така, тие ќе бидат добри инвестиции за општеството и за земјата. Тоа  очигледно е тешка работа која ќе ве чини многу време, енергија и посветеност, но навистина мислам дека е добра инвестиција за вас дури и ако ЕУ не постои во иднина. Мислам дека тоа ќе биде добар развој за земјата ако успее во тоа. 

 

Данска е една од водечките земји во Европа во користењето на обновлива енергија. Го гледате ли тоа во сметките за струја, како тоа ви го подобри животот? 

Многу е добро да се инвестира во обновливата енергија, особено во панелите за соларна енергија и во ветерниците. Ние сепак сме голем потрошувач на биомаси, што не е добро и практично немаме толку голем микс на различно произведена зелена енергија. Но, сме многу добри во ветерниците во океаните и тоа е голем пробив што го правиме во парламентот сега. Имаме многу такви ветерници и имаме планови да изградиме уште, имаме планови да бидеме нето извозник на зелена енергија од ветерници во 2050 година. Имам луксуз да имаме голем  океан пред нас каде што можеме да ги инсталираме. Но, не треба да се има само една технологија туку микс од повеќе различни и треба да се инвестира многу во енергетската ефикасност, да се троши помалку како општество. Сѐ уште имаме многу работа за завршиме. 

 

Дали ви се одразува тоа на сметките за струја?

Не, воопшто. Што и да правите, струјата е скапа, освен ако не инвестирате во енергетската ефикасност и во штедењето на енергијата, ако ги изолирате добро домовите, ако обезбедите фрижидери или други електронски апарати што трошат помалку енергија и слично. Тоа се одразува на сметките. Ние исто така сме погодени од енергетската криза во ЕУ и притоа видовме дека енергијата од ветер ја следи цената на таа од гас, така што дури и кога ветерната енергија е ефтина, повторно ја следи цената на скапиот гас. 

 

Ја поддржавте Регулативата за заштита на природата што беше донесена за првпат по 30 години во ЕУ. Што значи таа во практика и за што треба да се подготви Македонија? 

Со години зборуваме дека сакаме да ја заштитиме природата, да го заштитиме еко системот, да имаме чист воздух, чиста вода, земјоделство што не ја загадува планетата, да се справиме со кризата на биодиверзитетот, така што оваа регулатива бара од земјите да ги остварат целите околу тоа. На пример, во Данска сега имаме само 2,6 проценти природа! Имаме огромен процент на земјоделско земјиште, околу 60 проценти од Данска, 18 проценти од земјата се наменети за хранење на стоката, а останатото се  градови и шуми што се создадени за индустриски потреби, за биомаси и други продукти  – а тоа не е природа. Многу малку живот има во нив. А мора да го обновиме еко системот зошто тоа ја одржува здрава планетата, тоа обезбедува сигурна храна во иднина, тоа обезбедува океани во кои ќе има риби, тоа обезбедува пчели кои, ако ги нема, нема да имаме бенефиции од природата  и нема да имаме корист од земјата.

Бев многу возбудена заради донесувањето на овој закон, бидејќи ова што се случува сега е многу лошо и мора да се преземе нешто драстично. Малку сум  разочарана што регулативата помина, но со некои значајни промени што не беа добри и што Данска не се стави на страната на тие што беа за заштита на природата. Иако е прв чекор, но сакав да видам дека рамката е поамбициозна зошто првиот чекор не е самата рамка туку нејзината имплементација. Ние треба да заштитиме 30 проценти од нашата природа и од океанот за да ѝ дадеме шанса на природата да се опорави и да се врати, бидејќи беше силно ставена под притисок. За тоа ќе биде потребно многу работа. 

 

Дали ги чувствувате климатските промени во Данска? 

Да , многу. Летово имавме најдолг период на суша од осумдесетите, мислам, беше топло  и почнавме да дискутираме за доделување пакети со помош на фармерите, бидејќи не можеа да произведуваат житарици кога нема вода. Потоа бевме силно погодени од многу дождови, така што овие екстремни временски услови, односно климата што моите деца ја гледаат сега не е иста со таа што јас ја имам искусено претходно. И многу дожд не е добар за производството на храна, особено ако претходно е многу суво. Имаме многу крајбрежје во Данска и сега големото прашање е како ќе го заштитиме, бидејќи имаме куќи таму, а промените доаѓаат многу брзо. 

 

Како го решавате проблемот со менаџирањето на отпадот во Данска, нешто во што Македонија не успева воопшто? Што прават обичните граѓани за придонесат во тоа и како ги мотивирате? 

Данска помина долг пат од депонии, согорување до рециклирање. Сега зборуваме за превенција на отпадот, односно како да произведеме помалку отпад. Мојот совет е да не го поминувате долгиот пат туку да бидете чекор понапред, да почнете од последното. Сега во рамките на ЕУ расправаме за идната директива за пакување со која се одредуваат стандарди за пакување во индустријата кои ќе обезбедат одржливи решенија, односно пакувања кои ќе можат да се употребат повеќе пати место еднаш .

Дебатата за циркуларната економија е навистина голема особено за земји како нашата, која има една од најголемите потрошувачки на ресурси по глава на жител во светот. Треба да најдеме начин како продуктите да траат подолго и како да се користат повеќе пати и за повеќе употреби. Затоа, мојот совет е повеќе да работите на тоа, на повеќе зелени работни места, бидејќи е поевтино и подобро за околината. Место да почнете со  создавање на капацитети за согорување на отпадот, почнете да инвестирате во добра бизнис стратегија зошто има огромна индустрија околу нас. Сега има доста нарачки онлајн кои се испорачуваат во тешки пакувања поради што  компаниите почнаа со пакувања што можат да се користат повторно така што практично го добивате производот, го вадите пакувањето и го враќате назад, за да се искористи пак. Тоа е патот до иднината. Затоа подобро инвестирајте во иднината место во работи од кои ние сакаме да се ослободиме сега и да одиме чекор натаму. Сѐ уште ни се потребни капацитетите за согорување на отпадот, но ако одите по вториот пат ќе инвестирате само во неопходните капацитети за уништување на отпадот место да изградите многу такви, како што направивме ние. Сега тие мора да работат со увозен отпад бидејќи инаку не се рентабилни. 

 

Колку чини изградбата на еден таков капацитет? 

Ох, милијарди… Имаме еден со скијачка патека на него. Тие се многу скапи и иако повеќе општини инвестираа во заеднички, сега одеднаш нема толку отпад. 

Во однос на тоа како граѓаните придонесуваат за околината гледаме интересни трендови, како т.н. зелени соседства – заедници каде што луѓето се собираат за различни зелени иницијативи, прават заедничка градина, сортираат отпад, поправаат расипани апарати или други предмети… Граѓаните сакаат да бидат ангажирани  и ова за нив има значење. Но, не е доволно само граѓаните да го прават тоа, туку се потребни и големи политички одлуки. Не може тоа да се остави на поединците. 

 

Кој според вас е најголемиот еко предизвик во Македонија? 

Од она што слушнав тука тоа е загадувањето на воздухот, непостоечкиот систем за собирање на отпад, јавниот транспорт исто непостоечки и тешкотиите за велосипедизмот. Во некои области веројатно сте подобри од нас, иако дефинитивно не во менаџирањето на водата и отпадот, но ние исто така имаме прашања околу загадувањето. Со зголемувањето на животниот стандард, расте и еколошката цена. 

 

Дали војната и уништувањето во Украина еколошки ја загрозува Европа? 

Сѐуште конкретни проценки за тоа, но генерално разурнувањето на градовите кои потоа мора да се обновуваат е многу загадувачко, покрај експлозиите, пожарите и слично. Градежниот сектор е еден од клучните загадувачи на планетата, заедно со разурнувањето и градењето на нови станови.  Затоа разговараме многу како да ги сочуваме зградите што ги имаме. И очигледно случувањата во Украина, каде што многу објекти се уништени и треба да бидат повторно изградени,  се нешта што ќе дојдат со еколошка и финансиска цена што сите ќе ја платиме.