Маратонот во Охрид заврши по 12 часа разговори. Се очекуваат деталите
Неизвесно е дали Вучиќ, Курти и европските посредници ќе ја најдат магичната формула процесот за нормализација меѓу Србија и Косово да тргне вистински напред
Дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво во Охрид под покровителство на Европската унија заврши по речиси 12 часа, соопшти портпаролот на ЕУ, Петер Стано. Во фокусот на средбата беше финализирањето на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти одвоено се сретнаа во вилата „Билјана“ со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, а трилатералната средба започна нешто пред 15,30 часот. Првиот сет од неа траеше повеќе од еден час по што беше направена пауза. Се очекува обраќањето на Жозеп Борел.
Повеќе од 230 новинари и сниматели во прес-центарот во хотелот „Инекс-Олгица“ седат цел ден без при тоа да имаат каква било опиплива информација што се случува во вилата којашто е на околу 400 метри оттаму. Повремено стигнуваат информации од кабинетите на Курти и Вучиќ, но во нив нема ништо специјално. По завршувањето на разговорите на новинарите треба да им се обрати Борел, но никој не знае кога ќе биде тоа. И што е најважно – какви вести ќе пренесе.
Дали Белград и Приштина ќе ја најдат формулата со европско посредништво да тргнат понапред од онаму каде што застанаа пре три недели во Брисел?
Поранешниот американски амбасадор во Србија, Камерон Мантер, предупредува дека договорот на хартија не е исто што и спроведувањето на договореното на терен. Вишиот соработник на Институтот за општествени науки во Виена, Иван Вејвода, е внимателен околу средбата во Охрид и посочува дека доколку Приштина и Белград сакаат да влезат во ЕУ, мора да се однесуваат во согласност со нејзините правила и вредности.
Албанскиот новинар и поранешен пратеник од Приштина Ветон Сурои вели дека најдобриот исход од денешната средба би било да не се создаде нов камен на сопнување и додава дека претстои тежок процес и дека не треба да очекуваме магичен потпис кој ќе ги реши сите прашања.