Мапет шоу во Бутел


ЕРОЛ РИЗАОВ

Ние ќе ви покажеме како се водат евроатлантските процеси и интеграции, извика во Бутел Гордана Силјановска-Давкова, претседателски кандидат на својата шоу-турнеја која почна со татковината те вика, а од некни со ново име – запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе. Одобрувањето на оваа генијална идеја стаса веднаш со мртва тишина. Во Бутел такви се обичаите. Сè се прифаќа молкум.
Мицкоски и Силјановска го сменија името и идентитетот на кампањата. Веќе нема потреба да ја спасуваат Македонија и името, националниот идентитет и македонскиот јазик и државјанство. Тоа, велат, е завршена работа. Македонија останува за по дома, а Северна е за по надвор од куќниот праг и од приватноста, тоа е новата реалност со една година задоцнување која ја прифаќаат без задршка. Откако ја завршија оваа работа, сега се нафатија да покажат како единствената легална револуционерна партија во Европа (другите партии со такво име се илегални, забранети) ќе нè интегрира со ЕУ. Штета што задоцнија со НАТО, веќе ќе беше завршена работата.
Кога Силјановска вели „ние“ ќе ви покажеме како се влегува во ЕУ, не верувам дека се персира самата себеси, туку кажува правилно во прво лице множина, дека таа, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе нè однесат со јапонски симплон експрес сите топтан во Европа. Дури и да се спуштат критериумите на најниско ниво што може да си дозволи еден политичар во изборна кампања, па макар бил и универзитетски професор, по силната најава дека ако дојде до претседателската функција ќе се поништува Преспанскиот договор со Грција сосе Уставот и некои закони кои до вчера беа сомнителни и нелегитимни, сега да проповеда брз курс по европски интеграции, е најблаго речено забегана работа, политичко салто мортале.
Ако човек не ги знае условите во земјата би рекол одлично. Сите тројца кандидати за претседателска функција и Блерим Река, и Стево Пендаровски, и Гордана Силјановска се залагаат за иста работа: членство во НАТО и во ЕУ, владеење на правото, демократија, побрз развој на државата и поквалитетен живот на граѓаните. Баш убаво. Милина една. На кој граѓаните ќе му поверуваат дека побрзо ќе ги заврши работите, тој нека биде избран во фер изборен натпревар. Во таков случај станува сеедно кој ќе биде избран за претседател, ако сите имаат иста цел. Арно ама, сите знаеме дека не е така.
Прво претседател на државата не е „ние“ туку е тој и тој со име и презиме. Неговите уставни надлежности во преговорите со ЕУ и водењето на евроатлантските процеси се незначителни, да не речам никакви. Но можностите за нанесување штета на меѓународен план се големи, а на домашен уште поголеми. Тоа го покажа на дело и сè уште го покажува, актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов, чиј голем поддржувач е проф. Гордана Силјановска. Со своите јавни изјави претседателот Иванов постојано ги влошуваше односите со сите соседи и со ЕУ. А, пак, со аболициите и пишман-аболициите на криминогениот врв на ВМРО-ДПМНЕ и со одолговлекување на процедурите прецизно одредени со Уставот за давање на мандатот на партиите кои обезбедиле мнозинство во парламентот директно влијаеше на трагичните настани од 27 април 2017 година, кои се радикализираа до обиди за убиство на пратеници и на мандатарот и спречување на конституирањето на Собранието, што е директен атак врз парламентарниот општествен поредок рамен на државен удар и е голем удар врз угледот на државата. Оттаму сега силниот повик од ВМРО-ДПМНЕ да бидат помилувани организаторите на ова тешко кривично дело. Ако се случи уште еден таков обид за спасување на криминалците и злосторничките здруженија од страна на претседателот на државата на заминување, тогаш станува ептен јасна неговата улога во настаните од 27 април и веродостојноста за тајните подготовки за прогласување на вонредна состојба во земјата со цел да се спречи примопредавањето на власта по легитимни и веродостојни избори, што е кривично дело рамно на учество во организирање на нападот на парламентот и на државен удар.
Гордана Силјановска, кога вели „ние“, треба јасно да каже кои се тоа ние, односно тие што ќе ги забрзаат процесите за влез во ЕУ. Дали се тоа тие кои 11 години не мрднаа од место и од Македонија што ја наследија како кандидат за влез во ЕУ направија вечен студент. Прифаќање на европските правила означуваше пред сè владеење на правото, независно судство, парламентарна поделба на власта, слободни медиуми. Тоа беа политичките критериуми кои заедно со надминување на проблемите со соседите означуваа почеток на преговорите со ЕУ кои Брисел во сите годишни извештаи ги повторуваше упорно до точка и запирка. Во суштина се бараше да се постигне тоа што е денес Македонија. Никогаш од ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатено тоа што го бара ЕУ бидејќи тоа ќе значеше контрола на власта, отчетност и крај на грабежот на граѓаните, одговорност и соочување со правдата.
И кога по 11 години оправдувања со наводна одбрана на името и националниот идентитет, јазикот и достоинството не се донесе ниту едно решение кое ќе го означи почетокот на последната етапа за евроатлантски интеграции, се осознаа причините за заробување на државата и откако под притисок на меѓународната заедница и на јавноста во Македонија по експлозијата на бомбите од прислушуваните разговори се создадоа предуслови за уривање на режимот по демократски пат и кога се во ек соочувањата со правдата за тешки кривични дела, Силјановска на митинзи ветува побрз влез во ЕУ со остатоците од криминалната банда.
Не знам што пишува во теориите на професорката ама дека некој што ги ограбил земјата и граѓаните, кој нанел толку зла што не можат да се исправат со децении, дека „ние“, односно тие ќе воведат владеење на правото и ќе не внесат експресно во ЕУ е навистина мапет шоу, добар хумор, да не е во суштина трагедија. Повратници криминалци да бидат стражари во Идризово, тоа се подразбира кога Силјановска вели „ние“.
Во оваа турнеја да ја запознаеш подобро татковината има една добра работа. Силјановска покрај тоа што ќе научи малку географија и имињата на населените места, ја презема како своја и програмата на својот најголем противник Стево Пендаровски. До 21 април, денот на изборите во првиот круг воопшто и нема да се разликуваат ставовите на Пендаровски и Силјановска по сите прашања освен по едно. Силјановска и натаму ќе се залага за владеење на правото со ослободување на сите обвинети криминалци од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, со амнестија на сите учесници во крвопролевањето на 27 април оти, како што вели таа, биле провоцирани од нелегитимниот избор на претседателот на Собранието, а Пендаровски ќе остане на својот став сите што се виновни да ја добијат заслужената казна.
Она што не го знае Гордана Силјановска е историската доктрина, генетски наследена на ВМРО-ДПМНЕ, дека ако се насети по првиот круг дека непартискиот и натпартиски кандидат и веќе прогласен претседател на државата, мајка на нацијата, Гордана Силјановска ќе ги загуби изборите, веднаш ќе бидат прогласени за нерегуларни по што ќе уследи бојкот на вториот круг и попречување на изборот на претседател на државата. Тоа ќе биде последниот обид на рецидивите на Никола Груевски за попречување на добивањето датум во јуни за почеток на преговорите со ЕУ. Но што и да направат ништо нема да ја запре Северна Македонија да стаса до Западна Европа. Преговорите со ЕУ со одлука во јуни, или во септември, сеедно, ќе почнат идната година, а ќе завршат за осум до десет години кога ќе се исполнат сите предуслови. Дотогаш Македонија ќе треба да заврши многу работи што ќе ја направат пристојна европска држава. Дали во тоа ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ или и натаму ќе бара реставрација на режимот на Груевски, ќе зависи од тоа дали оваа политичка партија ќе направи генерален ремонт и ќе се ослободи од фабричката грешка вградена во моторот.

П.С. Ја примив пораката од проф. Гордана Силјановска искажана во Струмица дека со „Ориент експрес“, името на мојата рубрика, не се стасува во Брисел. Без иронија, еве имало нешто со што целосно се согласувам со неа. Затоа рубриката се вика така. Нејзините наредбодавачи го држеа возот „Ориент експрес“ на слеп колосек цели 11 години на неговото најдолго патување. И, сега, кога возот тргна, Силјановска истражува кој е убиецот на Македонија. Нека ја праша Агата Кристи, ќе ѝ каже дека е тоа машиновозачот од Будимпешта и неговите најблиски ортаци кои деновиве ја шетаат од град во град со патувачкиот театар. Сирота, толку ѝ е заморно што некогаш не знае ни каде е.