МАПАС: Ден за пензиска свесност, информирање, забава и награди за присутните


Фото: Б. Грданоски

Во рамки на одбележувањето на Денот за пензиска свесност – 15 Септември, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС денеска од 11:00 до 13:30 часот, во вториот дел на Градски парк (спроти паркот за кучиња), ќе одржи настан на кој сите граѓани ќе имаат можност да се информираат за своите права во пензискиот систем, како и да се забавуваат и да освојат награди.

-Од исклучителна важност е сите граѓани да имаат точни информации за функционирањето на пензискиот систем, како и за нивните права и можности. Токму затоа ги повикуваме сите да се приклучат на овој настан, да им ги разјасниме сите недоумици и заедно, во убава, неформална атмосфера, да се дружиме, се вели во соопштението од МАПАС.

Посетителите ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претставниците на МАПАС и пензиските друштва и при тоа да поставуваат прашања на кои ќе добијат стручни одговори.

Програмата ќе биде збогатена со музика, забавни активности, креативна игра за најмладите, како и квиз на знаење на кој ќе бидат доделени над 180 награди.

-Со оваа активност, МАПАС ја нагласува важноста граѓаните да бидат активни учесници во пензискиот систем, да ја следат својата пензиска состојба и навремено да планираат сигурна иднина. За нас е исклучиво важно граѓаните навремено да го планираат своето пензионирање и да бидат информирани за пензискиот систем, бидејќи секој граѓанин заслужува сигурна и стабилна иднина, заклучија од МАПАС.