Манфред Вебер иницира преиспитување на членството на партијата на Вучиќ во ЕПП

Првиот човек на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер соопшти дека иницирал постапка за преиспитување на членството во семејството на европските партии на десниот центар на Српската напредна партија (СНС), чиј донеодамнешен лидер беше претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– ЕПП не затвора очи пред тоа што се случува во Србија, изјави Вебер најавувајќи дека очекува постапката за преиспитување на членството на СНС во ЕПП да заврши „во следните неколку дена“.
За секое потенцијално исклучување на една партија од членство во ЕПП потребно е одобрение од Политичкото собрание на партијата, кое го сочинуваат шефовите на националните партиски делегации.
Најавата на Вебер следи откако викендов Вучиќ се закани дека ќе преземе правни мерки против група политичари од редовите на европските Зелени кои се приклучија на антивладините протести во Србија, нарекувајќи ги „ѓубре“ и најавувајќи дека ќе бидат гонети според српскиот закон.
На изјавата на Вучиќ реагираше данскиот европратеник од редовите на Зелените, Расмус Нордквист, кој беше меѓу учесниците на протестите, изјавувајќи оти „ЕПП мора отворено да признае дека има автократ во семејството“.