Манчевски: Шалтери да нема, граѓаните да ги добиваат услугите на своите мобилни уреди


Фото: Б. Грданоски

Клучниот дел на реформата во јавната администрација е граѓаните да ги добиваат услугите на своите мобилни уреди, шалтери веќе да нема, смета министерот Дамјан Манчевски.

Во вчерашното гостување на Отвореното студио на МРТ заедно со премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче, Манчевски повтори дека од септември платите во јавниот сектор ќе се зголемат за пет отсто.

Најави и дека до крајот на годината ќе биде дефиниран системот на јавната администрација за да се среди, како што рече, хаосот. Ќе се прецизираат ингеренциите за да нема преклопувања, некои од институциите можеби ќе се соединат, а ќе се формираат и нови.

-Граѓаните се во право, администрацијата е лицето на државата, особено шалтерските работници. Се обидуваме да го смениме тоа лице. Но, сметам дека клучниот дел на реформата во јавната администрација е граѓаните да ги добиваат услугите на своите мобилни уреди, да нема шалтери, нагласи Манчевски.

Коментирајќи ја превработеноста, Манчевски укажа дека јавната администрација ќе се соочи со недостиг на кадар, посебно во делот на реформите и почетокот на преговорите.

Во овој контекст се надоврза и премиерот Заев. Рече дека од човечки аспект, никој не е подготвен, ниту сака да ги отпушти луѓето од јавната админинистрација без претходно да им обезбеди иднина. Во однос, пак, на вработувањето деца на функционери не смее да има забелешки ако постапката е регуларна. И ним треба да им се овозможи еднаква можност некаде да конкрурираат и да се вработат, но процесот и целата постапка мора да бидат транспарентни, јавноста да знае дека ги исполнуваат потребните критериуми и се соодветното работно место. Не смее, дополни, тие да бидат третирани како да се од „втор ред“.