Малтешкиот тајкун прогласен за невин за вмешаност во убиството на Дафне Каруана Галиција


Еден од најбогатите луѓе на Малта е прогласен за невин за вмешаност во убиството на антикорупциската новинарка Дафне Каруана Галиција.Пресудата, која се очекува да биде обжалена од обвинителството, e удар не само за семејството на жртвата, туку и за политичарите и активистите кои го сметаат случајот како значајна акција во борбата за заштита на слободата на печатот во Европа.

Речиси девет години по смртта на Каруана Галиција, на 53-годишна возраст, во автомобил-бомба во октомври 2017 година, поротата составена од шест жени и тројца мажи го прогласи Јорген Фенех (44) за невин за двете точки за кои беше обвинет: соучество во убиство на Каруана Галиција со злосторство и здружување.

Додека семејството e во шок, со некои роднини во солзи, судијката Едвина Грима веднаш нареди ослободување на Фенех од притвор. Доколку беше прогласен за виновен, тој ќе се соочe[e со доживотна казна затвор. Тој го напушти судот преку предниот влез, без да одговори на барањата за коментар.

„Сега сите се многу повеќе изложени на ризик, бидејќи тоа сигнализира дека можете да ги убиете новинарите неказнето“, рече сестрата на Каруана Галиција, Корин Вела. „Знаевме дека ослободувањето од обвиненијата е огромна можност. Но, тоа е како кога некој ќе умре, сè уште ве шокира“.

Во телевизиско обраќање, лидерот на опозициската Натинистичка партија ги повика приврзаниците да му се придружат на демонстрациите пред парламентот, велејќи: „Ниту една пресуда не може да ја врати Дафне назад, но пресудата дека е  невин не може да ги избрише прашањата што ја доведоа земјата до оваа точка“.

Фенех, влијателен бизнисмен и развивач на имот, чие семејство поседува два хотели Хилтон и има удел во електрична централа во Малта, беше обвинет од обвинителството дека платил 150.000 евра преку средниот човек Мелвин Теума за да ја убие новинарката. Убиството на Каруана Галиција, која го таргетираше Фенех и водечките политички фигури во нејзиното известување, го предизвика најпоследниот политички скандал во повоената историја на Малта, што стана собирна точка за антикорупцискиот активизам и слободата на печатот. Последиците резултираа со Џозеф Мускат, тогашниот премиер на најмалата земја членка на ЕУ, да биде принуден да ја напушти функцијата заедно со двајца негови министри и неговиот шеф на кабинет.

Двомесечното судење го откри обемот на мрежата на политички контакти на Фенех и покрена прашања за обидите за саботажа и мешање во полициската истрага. Клучните сведоци, а и самиот обвинет, тврдеа дека шефот на кабинетот на премиерот во неколку наврати објавувал чувствителни информации до Фенех.

Сумирајќи го случајот против него, обвинителот Ентони Вела рече дека Фенех верува дека може да „купи правда“, велејќи ѝ на поротата: „Од вас се бара да одлучите дали човек кој имал широки контакти во политиката и меѓу шефовите на јавните субјекти има доволно моќ да плати за Дафне да биде убиена“.

Одбраната тврдеше дека синџирот на команда се проширил, со сугестии од Фенех и неговите адвокати дека лицето кое го наредило убиството е поранешниот началник на Генералштабот на Мускат, Кит Шембри. Тие рекоа дека полицијата не направила доволно за да ги истражи наводите за неговата вмешаност.

„Сите патишта водат до Кит, а сите мостови до Кит беа изгорени“, рече адвокатот на одбраната Чарлс Мерсиека во своето сумирање.

Во своето сведочење, Фенех и рече на поротата: „Никогаш не сум го наредил убиството на Дафне Каруана Галиција, ниту на некој друг. Немав никаква улога во нејзиното убиство“. Тој рече дека само делувал како гласник меѓу Шембри и Теума и дека таксистот го уценувал.

Шембри, кој сведочеше на судењето, ги негираше сите неправилности, велејќи дека немал вмешаност во протекување информации и дека нема сознанија за убиството.

Адвокатката на Фенех, Џанела де Марко, рече дека Шембри и другите требало да бидат под истрага. Таа рече дека на главниот сведок на обвинителството не може да му се верува.

„Поротниците не му веруваа на Мелвин Теума. Тоа беше пресуда 8-1, што значи едногласна… не мислите ли дека поротниците видоа кои се вистинските нарачатели?“- рече таа.

Република, малтешка кампања, повика на „национална пресметка“ во која ќе се гони корупцијата што ја истражува Дафне Каруана Галиција.

„Оние што се политички одговорни за културата на неказнивост од годините на Мускат не смеат да бидат рехабилитирани во јавниот живот. Државата мора искрено да ја прифати својата одговорност и да му се извини на семејството на Дафне“, рече портпаролот.

Во меѓувреме, „Окупирај правда“ ја опиша пресудата како „длабоко болна и разочарувачка“, велејќи дека Малта останала „без целосна одговорност за лицето или луѓето што го нарачале нејзиното убиство“.

Независна јавна истрага, за која се бореше семејството, заклучи во 2021 година дека државата мора да ја преземе одговорноста за убиството бидејќи „создала атмосфера на неказнивост, генерирана од највисоките нивоа“. Даде голем број препораки, од кои многу сè уште не се спроведени.

Во соопштението, Фондацијата Дафне изјави: „Девет години по бруталниот атентат врз Дафне, институционалните неуспеси што го овозможија нејзиното убиство остануваат нерешени и нереформирани. Трајната правда значи дека никој никогаш повеќе не треба да се соочи со истите ризици. Нашата земја не успеа да го заштити животот на Дафне. Ѝ должи да спречи губење на други животи.“

Том Гибсон, заменик-директор за застапување на Комитетот за заштита на новинарите, беше во судницата за пресудата. Во соопштението, тој рече: „Ова е срцекршачка пресуда за семејството по години чекање на правда. Ќе продолжиме да стоиме покрај нив додека тие бараат одговорност за сите вклучени во убиството.“ (Гардијан)