Малолетници со петарди го предизвикале пожарот кај Расадник


За пожарот кај Расадник поднесена е кривична пријава против 14-годишник, кој заедно со уште две деца фрлале пиротехнички средства.

СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против 14-годишникот за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

– Пријавениот заедно со уште две деца кои не наполниле 14 години и не подлежат на кривична одговорност, на 3 септември околу 15 часот кај Расадник, на територија на општина Кисела Вода во Скопје, фрлале пиротехнички средства, по што се запалила сувата трева и настанал пожар кој зафатил површина од околу три хектари – информираат од МВР.

Во пожарот, кој зафати околу три хектари површина, како што информираа од Скопската противпожарна единица, опожарена е сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва. Во гаснењето интервенирале осум противпожарни возила и 15 пожарникари, нема повредени лица, а е причинета материјална штета.