Малолетници до рано наутро пијани во битолски клубови
Овој викенд е постигнат своевиден рекорд на затекнати малолетници после полноќ во клубови во Битола, дури 23 деца. Од нив 13 деца се фатени во еден клуб, од кои седум деца биле пијани

БИТОЛА – Трагедијата во Кочани не ги опомена битолски угостители чии кафетерии и клубови и натаму се собиралиште за журки на малолетници во доцните ноќни часови со точење на алкохол. Се слават родендени со алкохол, а никој не проверува за возраста на славениците и гостите.
За период од три недели во две контроли на битолската полицијата во клубови во центарот на градот затекнати се 43 малолетници до раните утрински часови, а дел од нив биле пијани.
Овој викенд е постигнат своевиден рекорд на затекнати малолетници после полноќ во клубови во Битола, дури 23 деца. Од нив 13 деца се фатени во еден клуб, од кои 7 деца биле пијани.
Децата биле оставени да се забавуваат и ја пијат алкохол се до 3 часот наутро. Два од локалите се водат како билијард клубови, додека третиот е кафеана која се наоѓа на само десетина метри погоре од основното училиште „Гоце Делчев“ во строгиот центар на Битола.
Во неделата во билјард клуб лоциран во строгиот центар на градот биле затекнати осум деца после полноќ, а во друг билијард клуб уште две деца, додека во клуб лоциран до основно училиште биле затекнати 13 деца од кои кај седум е констатирано присуство на алкохол.
„СВР Битола ќе поднесе кривични пријави за угостителите до ОЈО Битола по член 204 од КЗ за точење на алкохолни пијалаци на малолетни лица и прекршочни пријави по член 21 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир кој овозможува присуство на малолетници во угостителски објекти или простори за забава по 24 часот. За сите акциски контроли известени се УЈП, Пазарна инспекција и Центар за социјални работи Битола, информира Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Пред три недели речиси во истите локали биле затекнати 20 деца. Од нив дури 16 од децата се фатени во истиот објект на улицата „Климент Охридски“ во центарот на Битола, како и последниот викенд. Што значи проблемот се повторува.
Битолчани на социјалните мрежи револтирано коментираат дека трагедијата во Кочани само за кратко ги закочи угостителите да ги пречекоруваат законите и дека беззаконието продолжува.

„Кочани се заборава? Кој е крив сега, системот, родителите?“, „После кој е крив ако се случи нешто, сите други само не самите родители. Кога ќе знаат каде им се децата тогаш се ќе биде во ред и никој нема да биде виновен.“ „Угостителите се замислуваат за недопирливи. Браво за МВР, има надеж. Мора крај да се стави на ова безредие.“
Пред неколку дена Советот за превенција при Општина Битола одржа состанок на кој се разгледуваше ситуацијата со деца малолетници затекнати во локали во ноќните часови во Битола, проблемот со деца затекнати под дејство на алкохол и следење на ситуацијата со претстојните матурски и полуматурски прослави.
Ќе има засилено патролирање и контролирање на јавниот ред и мир, а пред матурските и полуматурските забави одделот за превенција при СВР Битола спроведува едукативни предавања по училиштата во Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски, замоли за зголемено присуство на МВР на терен со цел подобрување на безбедноста.
„Родителите треба да бидат поотворени за соработка, да се организираат едукативни собири, како родителите би биле активно вклучени во активностите за спречување на консумирање алкохол и управување со мотори и автомобили. Согласно доставениот список од сите организирани матурски прослави, на терен ќе има присуство на униформирани лица, а до родителите апел, да не им се дозволи на матурантите да управуваат со автомобили“, информираше Советот за превенција при Општина Битола.