Малите хидроцентрали на Пена може да ги загадат водите за Тетово, утврдиле инспекторите


Вкупно 12 решенија за отстранување недостатоци на различни инсталации издаде Државниот инспекторат за животната средина, по извршени 68 редовни инспекциски надзори од 1 до 17 ноември. Утврдено е несоодветно постапување со отпадни материи во компанијата МЕПСО, но и можност за загадување на водите во Тетово поради хидроелектрични централи на Пена.

Како што посочи на денешната прес-конференција в.д. директорката на ДИЖС, Ана Петровска, периодов е интензивен за вршење вонредни мерења, а доколку по наредниот контролен преглед се утврди дека не се корегирани недостатоците, ќе постапат со казна.

Информира дека во период од 1 до 17 ноември извршиле 68 редовни инспекциски надзори, вонредни надзори на 25 инсталации, и издале вкупно 12 решенија за отстранувањенедостатоци за различни инсталации. Вонредните надзори се зголемени три пати, споредено со просечните бројки за 2020 година, иако работат со мал број инспектори, дополнително намален во Скопје поради ковидот.

Во компанијата МЕПСО е утврдено дека на несоодветен начин се постапува со отпадни материи, а некаде е утврдено истекување на отпадно масло.

Петровска информира освен што ги имаат посетено инсталациите кои го загадуваат воздух, биле и на концесијата за експлоатација на речен песок во Коњари. Утврдено е дека концесијата која е издадена од Министерството за економија има пропусти.

-Ние се обраќаме сега до Министерството за економија да се отстранат пропустите бидејќи имаме реакции од граѓаните кои живеат во овие села и се засегнати од промена на речното корито, рече директорката.

В.д. директорката посочи дека пред еден ден ја посетиле и Шар Планина, поточно активностите за градба на малите хидроелектрични централи на Пена и утврдиле дека на онаа која што е најнапредната со градба, а е лоцирана највисоко во планината на Пена, има потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово, бидејќи во непосредна близина на каптажата се започнати градбите.

Најави дека ќе ги следат сите документи кои досега се издадени од надлежните органи, се со цел да спречат натамошно загадување на водите, односно да обезбедат дека нема да се прекине водоснабдувањето на населбите и дека нема да се уништува природата.

-Внесовме нова динамика и поинаков начин на организирање, што е наша обврска во време на големо загадување на воздухот, водите и уништување на природата. Ги распределивме предметите помеѓу инспекторите заради поголема објективност, а во Скопје, како најзагаден град ангажиравме инспектори и од други градови. Редовните надзори ги надополнуваме со итно постапување по пријави од граѓаните, рече Петровска.

Појасни дека се исконтролирани големите инсталации, како Цементарница Титан, Макстил, Пејпер Мил, Дрисла и ФЕНИ.

Деновиве ќе се оди во асфалтни и бетонски бази, енергетски објекти (БЕГ топлификација, ТЕ-ТО, ЕЛЕМ Енергетика, ФАМЕ постројка за производство на биодизел), фабрики за производство на хемикалии (АДИЛ, Технички гасови)

Посетени се и депонијата Озрен во Пробиштип и го контролираат депонирањето на отпадот од Кичево. Планирано е до крајот на месецотда се посети и депонијата Русино во Гостиварско.

-Цел месец одиме низ складови за отпад, отпадни масла и отпадни гуми, станица за технички преглед и друго. Планирани се постројки за производство на храна каде меѓу другото, ги проверуваме котларите што користат течно или цврсто гориво. Објекти со концесии за користење на водите (бањата Кежовица во Штип), за експлоатација на речен песок (на Пчиња, кај Долно Коњаре), објекти во природа, како што се четирите мали хидроцентрали во Лешница на Шар Планина, рече директорката.

Петровска појасни дека утвредени се недостатоци во некои А-интегрирани дозволи, елаборати за заштита на животната средина, дозволи за регулација на речно корито и за користење на водите. Ќе се направи препрочитување и можеби ревизија на овие документи, заедно со колегите од Министерството за животна средина, за да се намали загадувањето и да се дадат повеќе можности за казнување на загадувачите.

-Утврдивме дека до сега мерењата на емисиите во воздухот биле  вршени од лабораторија која не е акредитирана. Заради тоа ние побаравме вонредно мерење што се реализираше минатиот петок, до крајот на неделата ќе знаеме кои се резултатите и во зависност од тие резултати ќе одлучиме какви мерки треба да бидат преземени во тој термин се со цел да се намали загадувањето за кое сме сведоци секој ден во Кочани

Во неколку ситуации таа рече дека имале добра соработка со инспекторатот на Градот Скопје се со цел да покријат што е можно повеќе инсталации од нивна и од надлежност на Градот, но појасни дека таа соработка треба да се продлабочи и Петровска очекува деновиве да ја формализираат таа соработка и да одат уште пошироко во детектирање на загадувањето во Скопје.