„Мали проблематични девојки“ на Уршка Ѓукиќ е најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран

Синоќа со прогласување на добитниците на наградите, заврши 4. издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“.
Беа прогласени победниците и беше доделена големата награда за најдобар филм на медитеранот, најдобариот режисер на медитеранот, најдобра актерка и најдобар актер на медитеранот, најдобар композитор на оригинална филмска музика на медитеранот, и наградата за најдобар кусометражен филм на медитеранот, за кои одлучуваше жирито во состав: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова, и Игор Анѓелков.
Беше доделена уште една награда, за најдобра медитеранска приказна, која ја доделува Студентското жири на фестивалот, кое избира и наградува сосема спротивно и сосема поинаку од големото фестивалско жири! Затоа што младоста има свои приказни!
-Во изминатите неколку денови гледавме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Погледнавме филмови кои ги отсликуваат некои од најитните прашања со кои денес се соочуваат Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како рута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства кои нам сега ни изгледаат барем малку поблиску. Гледајќи ги овие филмови заедно со вас беше привилегија, а да се биде дел од жирито – тоа беше задоволство, но и одговорност која не ја издржавме лесно. Вечерва, на затворањето на фестивалот, имаме чест да ви ги претставиме и победниците, рече Христос Пасалис, претседател на жирито.
Главната награда за најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ ја доби филмот „Мали проблематични девојки“ и Уршка Ѓукиќ, за автентичното прикажување на моминското детство и тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно, сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.
Наградата за најдобар краток филм ја добија два филма- „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.
-Наградата ја доделуваме на два исклучителни филмови кои не импресионираа со оригиналноста и моќно раскажаните приказни. За сложеното и искрено филмско творештво, за нежното прикажување на семејните врски и суптилниот пристап кон сложените теми, како расната дискриминација и алтретирање, за фасцинантните изведби на двата млади главни ликови, Луна Робин како Заза, и Лоиција Даненхофер како Ана, чија кариера сигурно ќе ја следиме, наградата ја добива филмот Бланш од режисерката Јоана Ракотариса.
И исто така на филм кој е, и политички, и поетски на многу оригинален начин. Филм кој нè изненади со својата оригиналност и атмосфера. За само петнаесет минути, успева да нè потопи во подземен свет исполнет, и со надеж, и со очај – свет кој е истовремено сонлив и сурово реален. Наградата ја добива „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау, рече Пасалис.
Наградата за најдобра музика ја доби „Било каде било кога“ од Милад Тангшир, за филм кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот. Како секогаш присутен ентитет, нотите на музиката го следат протагонистот низ улиците на Торино, исполнувајќи ја сликата со носталгија, убавина и тага.
Наградата за најдобра актерка оди кај Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона. Делејќи го истото име со својот протагонист, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена, и инсистира за прв пат во својот живот, да биде сослушана. Без разлика дали во гласните, драматични сцени, каде што нејзиниот глас често се крева во очаен обид да се чуе, или во тивките срцепарателни крупни планови каде што нејзиниот внатрешен свет е претставен со најсуптилните изрази на лицето, Хосеини владее со екранот и го воздигнува филмот на начин што ни оневозможува да замислиме поинаква актерка на нејзино место.
Наградата за најдобар актер му припадна на актерот Акилас Каразисис за улогата на Такис во филмот „Месо“, кој, со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување на клишеа, оживува лик полн со противречности – преговарајќи за нашите очекувања за тоа што прави еден херој или негативец – балансирајќи со финеса помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.
Наградата за најдобар режисер ја добива Уршка Ѓукиќ за филмот „Мали палави девојки“, за креативниот процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста преку автентично раскажување кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, режисерот успева да каже многу со малку: нежни гестови, суптилни погледи кои изгледаат ситни, но значат сè, фина рамнотежа помеѓу хуморот и копнежот, разочарувањето и надежта.
Специјално споменување за филмот „Било каде било кога“ од Милад Тангшир, кој со документарна вистина, детали и вистинска топлина го прикажува секојдневниот живот на еден имигрант во денешна Европа. Филм снимен на локација, на улиците на Торино, прикажувајќи го градот како ветена земја која, без разлика колку блиску се чини дека протагонистите се до нејзиниот центар, секогаш наоѓа начини да ги оттурне.
Студентското жири ја донесе одлуката наградата „Најдобрата медитеранска приказна“ да му ја додели на филмот „Било ккаде било кога“ на Милад Тангшир, бидејќи овој филм покажува како безвременските теми можат моќно да се преосмислат во убедлива приказна што зборува за денешната општествена реалност подигајќи ја свеста за борбите на имигрантите и нуди свежа перспектива која ги руши стереотипите.
По доделувањето на наградите менторите на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм, Александар Русјаков и Дејан Милошевски, и директорот на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм, проф.д-р Јани Бојаџи, ги соопштија овогодинешните добитници на грантови за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм, по што следуваше проекција на филмот „Постојам“, Јоргос Цимберопулос (Грција).