Малдивите станаа центар од каде што Русија се снабдува со санкционирана стока
Русите се втора најголема туристичка група на Малдивите (по Кинезите), но откако Владимир Путин ја започна војната во Украина, овој туристички рај доби уште една важна функција. Русија воспостави извоз на стоки што се предмет на западни санкции, вклучувајќи производи со двојна намена. Американска, европска и кинеска стока сега тече низ Малдивите, вклучувајќи микрочипови што можат да се користат во системи за насочување на ракети; оптички инструменти што овозможуваат сателитски надзор; и делови за авиони – и комерцијални и воени.
Податоците за царината на Малдивите покажуваат занемарлив обем на извоз во Русија во 2022-2025 година: туна во вредност од 2.300 долари и летоци и брошури во вредност од 25 долари. Но, санкционираниот товар не се царини локално, откри „Волстрит џорнал“: фирми како „Фрејт кеар“ и „Гоу инвестмент“, кои се појавија за време на војната, го префрлаат од пристигнувачки авиони во авиони на „Аерофлот“ на аеродромот по минимална проверка, менувајќи ги документите по патот, така што продавачот на стоката повеќе не е наведен.
Обемот на овие операции е откриен со анализа на податоците за руската трговија собрани од „Импорт гениус“ и анализирани од „Волстрит џурнал“. Увозот од Малдивите, кои практично немаат производствена индустрија, скокна од под 7 милиони долари во 2021 година на над 630 милиони долари во 2022 година – зголемување од повеќе од 90 пати. Во 2024 година, увозот достигна вкупно 160 милиони долари. Вилијам Џорџ, директор за аналитика во „Импорт гениус“, објасни дека оваа бројка е потценета, бидејќи руските власти веќе почнаа да ги цензурираат податоците и целосно го блокираа пристапот до нив на почетокот на 2025 година.
Судејќи според индиректните знаци, обемот на трговијата само расте. Во јули, операторот на аеродроми „Малдивска компанија за аеродроми“ објави дека дневниот обем на транзитен товар достигна рекордно високо ниво од 126 тони.
Еве како изгледа една трансакција. Во мај 2024 година, германската компанија „Крамер мајнинг“ продаде пумпи, батерии, клинести ремени и друга опрема во вредност од 9.000 евра на „Перецво“, компанија регистрирана во Киргистан. „Емирејтс ерлајн“ ги достави од Дизелдорф до Мале, главниот град на Малдивите. „Фрејт кер“, наведен како примач на авионскиот товарен лист, ја обработуваше документацијата за товарот да помине низ аеродромот во Мале, според сопствените записи на компанијата и извештаите од западните службеници кои споделија информации со „Волстрит џорнал“.
Неколку дена подоцна, стоката беше натоварена на лет на „Аерофлот“ за Москва. Во авионскиот товарен лист повеќе не се споменуваше „Крамер мајнинг“ или потеклото на товарот. Примачот беше наведен како „Техно груп“ ДОО со седиште во Краснојарск (регистрирана во април 2021 година, трговец на големо со машини и опрема за рударство и градежништво).
САД и Европа бараат властите на Малдиви да ја затворат оваа рута, изјавија западни претставници информирани за ситуацијата за ВСЏ. Малдивските претставници се свесни за проблемот и работат на негово решавање, додаде еден од нив.