„Макстил“ ќе си ги бара 4,3-те милиони евра од солидарниот данок, најверојатно ќе ги прости каматите


Скопски „Макстил“, компанијата која плати најголем износ за солидарен данок од дури 4,3 милиони евра, нема намера да ѝ ги прости овие пари на државата, иако, најверојатно ќе се откаже од побарувањето за камати што инаку ѝ следува. Исто така, подготвени се да разговараат за динамиката за поварт на овие средства со Министерството за финансии.

„Бевме една од најзасегнатите компании со Законот за солидарен данок и нормално е веднаш да си ги бараме парите кои неправедно ги плативме зашто ни се потребни за предвидливост и буџетирање иако имаме рок од пет години за да го направиме тоа. Знаеме дека државниот Буџет е таков каков што е и дека Владата има планирано трошоци. Подготвени сме на некој начин да разговараме за да се договориме за динамиката за враќање на парите. Не помина многу време откако ги уплативме парите и мислам дека нема да бараме камати, бидејќи не сакаме дополнително да го оптоваруваме Буџетот“, изјави денес Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори и неизвршен член на Одборот на директори на компанијата.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната презентација на резултатите од Анкетата за странските директни инвестиции за 2024 година во Стопанската комора тој рече дека ја поздравува одлуката на Уставниот суд за укинување на законското решение и додаде дека сака индиректно да ја поздрави и Владата која, како што кажа, имаше доблест и реши да не се меша при носењето на одлуката од страна на Судот.

Како што е познато, на почетокот на месецов, Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека компаниите сега имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, имаат право да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

Како реакција на одлуката на Уставен суд, премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека разговарал во министерката за финансии, при што било договорено да се направи мапирање на компаниите кои што беа опфатени со Законот за солидарен данок.

„Ќе им пристапиме на сите нив една по една и ќе најдеме решение, како што наоѓаме решение за се друго и заедно ќе го премостиме и овој проблем како и стотици други кои што ги поминавме изминатите месеци“, рече Мицкоски.