Максимална борба за минималната плата

Пари имаат, а не сакаат да даваат, велат синдикалците за работодавците


Синдикатите и опозициските партии бараат најниската плата во земјава да изнесува 500 евра, затоа што тоа ќе повлече пораст и на другите плати, со што ќе се спречи да ни заминуваат квалификуваните работници. Работодавците,пак, се за законското усогласување согласно со новата методологија, од 1.700 до 1.800 денари, со што минималецот би скокнал од 22.500 на 24.400 денари.

Висината на минимална плата во бруто-износ за март секоја година се усогласува со 50 отсто од порастот на просечната плата и 50 отсто од порастот на трошоците за живот за претходната година. Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57 отсто од висината на просечно исплатената нето-плата во државата.

Работодавците се согласуваат за зголемување на минималецот доколку Владата им ги плати зголемените давачки за придонеси. Сметаат дека Владата треба да им помогне на фирмите да го издржат дополнителниот товар, односно да ја покрие разликата во придонесите што ги плаќаат сега и што ќе ги плаќаат тогаш.

Од Владата, пак, сметаат дека синдикатите и работодавците треба да решат за висината на минималната плата, и ќе биде прифатено тоа. Доколку не се најде заеднички јазик на следниот Економско-социјален совет, од синдикатите не се откажуваат од борбата и најавуваат дека ќе го решаваат зголемувањето по сектори, односно да се почне со пораст на платите во оние сектори што земаат минимална или под минималната плата, а такви се над 20 илјади работници, од кои најголемиот дел работат во мали и во микрофирми.

Од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) велат дека мора да се зголеми минималната плата, затоа што ќе повлече раст и на другите плати.

– Мора да се зголемат платите затоа што, во спротивно, квалитетните работници ќе избегаат од државата. Факт е дека сме оставени да разговараме со работодавците за зголемување на минималецот. Работодавците немаат намера да попуштат. Пари имаат, а не сакаат да даваат. Мора да ги дадат бидејќи квалитетните работници ќе си заминат од државата. Владата може да биде принудена да ја зголеми минималната плата доколку не се договориме со работодавците – вели претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Пратеничката од СДСМ и ексминистерка за животна средина, Каја Шукова, вели дека ова е последната шанса Владата да покаже минимум почит кон граѓаните, а тоа е итно да интервенира со платите.

– Потребно е покачување на минималната плата на 500 евра бидејќи ова ќе поттикне раст на сите плати. Ако не се зголеми минималната плата на 500 евра, тоа ќе значи дополнително влошување на животот за илјадници семејства што едвај врзуваат крај со крај. Покачувањето на платите е единствен начин да се спречи понатамошното осиромашување на граѓаните и да се овозможи економски напредок. Без оваа мерка, стотици илјади работници ќе продолжат да работат за плата што не е доволна ниту за покривање на основните трошоци – посочува Шукова.

Таа вели дека цените растат неколкукратно побрзо од платите и дека граѓаните, од ден на ден, може да си дозволат сè помалку. Вели дека е поскапена струјата за 20 до 30 проценти, парното за 5 проценти и дека цените на основните прехранбени производи се зголемени за 30 проценти.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, смета дека решението за раст на минималната плата кое ќе го договорат работниците и работодавците и кое ќе се темели на продуктивноста и на исплатата на договорениот износ согласно со законските обврски на Владата, ќе го поздрави и ќе го почитува.

– Како ќе се договорат меѓу себе работниците и работодавците во рамките на Економско-социјалниот совет, каде што има претставници и од едните и од другите, ние, како држава, ќе го прифатиме тоа што ќе се договорат. Платата треба да биде заснована на продуктивност и доколку одговара тој износ што го договараат, ние апсолутно ќе го поздравиме тоа. Односно, доколку смета едната страна дека може да испорача продуктивност на она што ќе го договорат како минимална плата и другата страна дека ќе може да го исплати согласно со законските обврски, кои никогаш не сме рекле дека ќе ги менуваме, ќе го поздравиме тоа и ќе продолжиме да го почитуваме – рече министерката и додаде дека во администрацијата многу мал дел од вработените се врзани со минималната плата, најголем процент е над износот на минималната плата.