Максим е подизведувач на ВМРО-ДПМНЕ и со такви не дебатирам, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Прилеп му одговори на Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ.
„Слушам Максим Димитриевски, пионот на Мицкоски, барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека „секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал“, додавајќи дека граѓаните во Куманово веќе ги препознаваат измамите.
„Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија, тоа ли е стравот? Или пак стравот е затоа што е разоткриен од граѓаните кои ги излажа на претходните избори? И треба да му биде страв затоа што секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал. Сфати Максим дека луѓето полека се враќаат во СДСМ и бегаат од него, па лаже дека некој им прави притисок. Сфатија сите дека човекот кој ветуваше правда и вистинска социјалдемократска политика лажел. Се сместија тој и неколкумина околу него удобно во Влада и заборавија на ветувањата. Шуруваат со ДУИ, прават криминал во Куманово, а ветувањата за правда испарија. Затоа граѓаните ќе ги казнат на овие избори“, потенцираше Филипче.
Тој рече дека Димитриевски „после сите афери и сомнежи за станови, за парцели, ќе треба да се спреми за дуел со правдата, обвинителството и судството“.
Максим Димитриевски на денешната прес-конференција рече дека добивал пораки од членови и поддржувачи на партијата кои биле повикувани на разговори, предупредувања и притисоци, како што рече, под директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ.
„Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи – уцени. Наместо дебата – хајка. Но, јас ви ветувам – нема да успеете. Нашите членови не се плашат, а вашиот систем се распаѓа“, рече Димитриевски на прес-конференцијата и го повика Филипче на тв-дуел.