Максим Димитриевски најави промоција на политичкото движење во Скопје


 

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, во интервјуто за Радио Слободна Европа најави дека во септември или октомври ќе биде регистрирано неговото политичко движење во Скопје кадешто ќе се престави целосниот концепт на здружението и ќе се покаже кадровскиот потенцирал. По најавеното движење на Никола Димитров што ќе се официјализира овој месец, ова е втора најава за официјализирање на политичко движење кое претендира да учествува на наредните избори, а во истиот период се очекува партија да формира или најави и фракцијата на ДУИ. 

 „Движењето е составено од луѓе кои се докажани во своите професии, но и дополнително луѓе кои не влечат никакви политички опашки и опашки во јавниот живот во државата. Успешни луѓе од својот сегмент на работење и делување. Отворени сме за сите, и за социјалдемократи, и за припадници на ВМРО, и за луѓе коишто биле во други политички партии. Единствено нема простор за оние кои се одговорни за состојбата во којашто се наоѓа Македонија денеска“, вели Димитриевски.

Тој тврди дека има голема опструкција во комуникацијата со одредени државни институции и  блокада во одредени постапки, а најмногу критики упати на адреса на неговиот ривал по кумановска линија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, нарекувајќи го МВР -МВРОО.

„Има злоупотреба на државните институции како што е МВР во делот на взаемно политичко прекусурување. Ако тоа во минатото во периодот на Груевски беше МВРО сега тоа е МВРО со две ‘о’ на чело со Спасовски. Ако не сте послушни, ќе се соочите со лажна анонимна кривична пријава против вас и отворање на десет истраги во еден момент. Наместо да се трошат ресурсите суштински да се сузбива криминалот, всушност вие ги трошите ресурсите, сите тие инспекциски служби коишто доаѓаат во контрола ги плаќаме ние на работи коишто однапред се знае дека не постојат елементи на било какво сторено кривично дело“, рече Димитриевски.

Според него, потребно е час поскоро оваа власт што лошо менаџира со државата да си оди и да дојдат одговорни луѓе со јасен концепт, визија, како чесно и достоинствено ќе ја придвижат Македонија да тргне напред.

,,Ние сме држава што во континуитет стагнира, а за жал сме сведоци дека секојдневно расте криминалот, корупцијата, злоупотреба на позиции, јавни функции, само себе наградување на поединци на власта и едноставно, државата функционира како приватно акционерско друштво во коешто ДУИ е главниот менаџер, а придружниот елемент на власта се моите поранешни сопартијци од редовите на СДСМ. Зборувам за функционерите или политичката елита којашто ја води оваа партија, а инаку што се однесува до членството се прекрасни луѓе коишто за жал не можат да добијат шанса“, рече Димитриевски.

На прашањето на што ги основа ваквите тврдења, Димитриевски ги истакна како пример сите стратешки проекти на државата и последниот случај со „Бехтел и Енка“.

„Погледнете ги сите стратешки проекти на државата и последниот случај со ‘Бехтел и Енка’, и дополнително сите вложувања коишто се распоредуваат во државата се резултат на волјата на партнерот во власта ДУИ којашто владее со оваа држава повеќе од 20 години и покажува во јавноста дека е незаменлива. Законот не важи и за жал создава фрустрации во општеството кадешто многумина веќе, особено припадници на македонската етничка заедница велат дека се чувствуваат како да живеат во апартхејд. Ако секоја држава во светот има мафија, ја мислам дека Македонија се доведе самата себе си да е држава контролирана од мафија. Значи, мафијата ја поседува оваа држава“, оценува тој.

Според него, криминалот во државата е во власта, во највисоките нивоа на власта.