Макрон: Новиот претседател на Еврокомисијата треба да има искуство и кредибилитет


Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека европската комесарка за конкуренција, Данката Маргарет Вестагер, главниот преговарач за Брегзит, Французинот Мишел Барние и актуелниот потпретседател на Европската комисија, Холанѓанецот Франс Тимерманс се личностите со искуство и кредибилитет, меѓу кои би требало да се избере идниот претседател на Еврокомисијата, јави дописникот на МИА од Стразбур.

– Мислам дека треба да ги земеме предвид резултатите од гласањето и тоа што го кажа европскиот народ. Треба да имаме носители на одлуки, кои имаат кредибилитет за да можат да дејствуваат, изјави шефот на француската држава по пристигнувањето во Брисел на неформалниот Самит на ЕУ, на кој ќе се разговара за распределбата на клучните позиции во Европската унија, на само два дена по европските избори.

Запрашан дали во игра за нов претседател на Еврокомисијата е Маргарет Вестагер, Макрон изјави дека таа е една од кандидатите, како и Барние и Тимерманс.

– Но, јас не сакам денеска да имаме дебата за имиња. Сакам да има дебата за проектите, приоритетите и критериумите. Неопходно е кандидатите да ги отелотворуваат европски амбиции и да имаат искуство да го сторат тоа, бидејќи ќе носат важна одговорност на ниво на Европа. Значи треба да имаат искуство или во нивните земји или во Европа, што ќе им овозможи да имаат кредибилитет и умешност, додаде Макрон.

Иако во изјавата Макрон директно не го спомена Манфред Вебер, член на германската Христијанско социјална унија (ЦСУ), кој е кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за претседател на Еврокомисијата и кој ја има поддршката од германската канцеларка Ангела Меркел, сепак ваквите критериуми на францускиот претседател го дисквалификуваат Германецот, бидејќи тој никогаш не бил министер во неговата земја, ниту пак европски комесар.

Ваквиот став на Макрон би можел да значи нови недоразбирања на релација Париз – Берлин.